Рационално наводнување против климатските промени во земјоделството


Се почести се предупредувањата за влијанието на климатските промени во земјоделството. Експертите предлагаат примена на адаптивни мерки, а една од нив е рационалното користење на водата за наводнување.

За македонското земјоделско производство наводнувањето е клучно. Пченката без наводнување е нерентабилна и дава под два тона на хектар принос, додека со наводнување приносот се зголемува за 400 до 500 проценти.

Без наводнување не може да се замислат и градинарството и овоштарството.

Есенските жита, пак, кои се нетипични култури за наводнување, со интервентно залевање во април и мај даваат двојно зголемен принос.

– Субвенционирање на фармерите за штедење вода, наплата на водата според потрошен волумен, промовирање рестриктивно наводнување или техника на делумно влажнење на коренот, микронаводнување и фертиригација, мулчирање и употреба на мрежи за засенчување за намалување на директните загуби на вода, се само некои од мерките наведени во Публикацијата за адаптација на земјоделството кон климатските промени, изготвена со поддршка на УСАИД.

Во сушните области се препорачува одгледување култури кои имаат помала потреба од вода, а во многу сушните екстензивно сточарство, наместо култури кои не се профитабилни.

– Ако се направат поголеми напори за порационално користење на водата во земјоделството, особено кога се очекува климатските промени допрва да имаат поголемо влијание врз водните ресурси во Македонија, тогаш ќе се овозможи конзервација и заштеда со што ќе се обезбедат не само дополнителни површини за залевање, туку и повеќенаменско користење на водата во секторите и дејностите каде била во дефицит, пишува во Публикацијата.