Рафајловски: Богов се додворува за нов мандат


Разлабавувањето на монетарната политика во овој момент ми личи како додворување на Димитар Богов пак да го изберат за гувернер на Народна банка, коментира Горан Рафајловски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија.

„Ама кога веќе се додворува, бизнис-заедницата го моли да ги попушти стегите врз банките и да овозможи подолгорочно кредитирање. Народна банка треба да се договори со банките и стопанството да добие кредити со рок на отплата од 15 години. Беа до 7 години, сега компаниите добиваат кредити на 10 години ама нужни се кредити на 15 години. И мислам дека со тоа ќе го направи најдобриот потег за стопанството и, без оглед што се додворува за уште еден мандат, и јас би гласал за него“, вели Рафајловски.

Со цел да го зголеми кредитирањето, Народната банка ја намали каматата на благајничките записи од 3, 25 на 3 отсто.
„Ова е честење на бизнисот со пониски камати и тоа во услови кога банките имаат многу пари и сериозни профити е во ред“, рече Рафајловски. (А.С.)