Рауфи: Поважна е невиноста на моите клиенти од вистинските реализатори на „Монструм“


Откако целиот процес беше вратен на почеток, на 12 февруари почнува новото судење за „Монструм“

Судскиот процес, во кој треба да се докаже вината или невиноста на Сами Љута, Алил Демири, Хаки Азири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, Основниот суд го закажа за 12 февруари и тој случај ќе го водат двајца судии, Огнен Ставрев и Осман Шабани. Адвокатот на осомничените лица Насер Рауфи за „Независен весник“ изјави дека спомнатите судии се коректни и професионални и поради ова не очекува судскиот процес да потрае подолг период.

„За овој предмет определени се двајца судии, Огнен Ставрев и Осман Шабани. Според мене, двајцата се коректни и искусни судии и токму поради тоа овој пат очекувам објективно судење. Отсекогаш сум изјавувал дека тајната служба е инволвирана во овој случај и вистината, заедно со имињата на организаторите и реализаторите, ќе излезе на површина“, рече Рауфи.

На прашање дали е можна дестабилизација на Македонија откако ќе се дознаат вистинските организатори и реализатори на „Монструм“, Рауфи оцени дека поважно е да се докаже невиноста на обвинетите отколку да се дознаат вистинските лица што го извршија убиството кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.

„Јас лично не сметам дека откако ќе се дознаат со име и презиме тие што навистина се одговорни за ‘Монструм’ ќе има последици и дестабилизација на Македонија. Мислам дека не е толку важно кои се вистинските реализатори колку што е важно да се докаже дека лицата што првично беа осудени, дефакто немаат врска со овој предмет и делата за кои беа обвинети. Ова е приоритетно за нас и мислам и убеден сум дека на површина ќе излезат и вистинските ‘монструми’. За овој предмет очекувам минимален број рочишта бидејќи истиот е исцрпен. Се наоѓаме кај делот на стариот закон за кривична постапка каде што обвинителството најпрво треба да ги претстави доказите. Досега такво нешто се нема случено бидејќи тие докази беа измислени и непостоечки. Доказите беа спомнати во обвинението, но истите во реалноста не постојат како докази. Поради оваа причина, според мое мислење, овој предмет ќе има само неколку рочишта, во првиот дел дури и се надевам дека обвинителството ќе се откаже од обвиненијата против обвинетите“, изјави Рауфи.

Повторувањето на судењето за „Монструм“ доаѓа по одлуката на Врховниот суд, кој на 24 ноември минатата година, по сомневањата на Јавното обвинителство дека немало фер судење, едногласно одлучи предметот да се врати во првостепениот суд, додека осудените лица Сами Лута, Хаки Азири, Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири да бидат ослободени од притвор под мерки за претпазливост. Ним не им е дозволено да го напуштат градот Скопје и секој вторник и петок во период од 12 до 14 часот мора да се појават во Основниот суд Скопје 1.

Блерим Исмаили