Расцеп каков што се очекуваше


Александра М. Митевска

Во две фази досега, практично, се развива судирот во ВМРО-ДПМНЕ по донесувањето на одлуката во парламентот за пристапување кон уставни измени.
Прво беше фазата на исклучувања од партијата и на разрешувања од функционерски позиции на пратениците кои гласаа за отворање на Уставот и на оние што се осомничени како „колаборационисти“ во обезбедувањето на двотретинското мнозинство. Деновиве, процесот тргна во обратна насока. На ред дојдоа оставките што еден по друг ги поднесуваат носители на партиски функции – главно личности поставени за време на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кои, според приложеното во јавноста, не се согласуваат со политиките на новата партиска врхушка.
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ стана празно множество, се растура и Унијата на млади сили… Утре може ќе дојде на ред и Унијата на ветерани, како што е прашање на ден и кога сите овие раздвижувања ќе предизвикаат дополнителни раслојувања во пратеничката група на партијата. Некогаш најмногубројниот пратенички табор во овој собраниски состав е на добар пат да се подели во повеќе подмножества без пресек.
Сега се знае дека Рангелова не се согласувала со политиките што водат кон изолација на партијата или дека на Кржаловски му пречела преокупираноста на ВМРО-ДПМНЕ со дневна политика и популизам… Енигма единствено останува каде е Никола Груевски во целата оваа приказна. Дали на страната на оние што сега депонираат оставки во белата палта или со оној што беше негов адут за лидер на ВМРО-ДПМНЕ кога тој заминуваше од партиското кормило? Дали е со оние од кои сега зависи дали ќе му биде одземен пратеничкиот мандат, поради правосилната затворска пресуда, или со оние што до неодамна беа спремни да го блокираат и одржувањето на референдумот за да издејствуваат амнестија – не толку за 27 април, колку за случаите на СЈО.
Ако се навратиме наназад, судирите што во последните неколку седмици кулминираат во ВМРО-ДПМНЕ не се нешто невообичаено, неочекувано или непознато. Низ слични процеси на конфронтации, прочистување, раслојување… поминале речиси сите политички гарнитури во земјава по губењето на ресурсите, влијанието и моќта што ги носи власта. Како што и преземањето на власта, од друга страна, раѓа елан за помирување, окрупнување и закопување на секирите.
Низ такви процеси поминувале и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите децении, со таа разлика што потресите во десничарското јадро отсекогаш биле многу подраматични, подиректни и поагресивни. Како што се развиваат и моментно, за што еден од најновите докази се бизарните закани што ги добивал неодамна разрешениот потпретседател на партијата и градоначалник на Кавадарци. Но, и интензитетот на најновите судири во ВМРО-ДПМНЕ не е нешто неочекувано кога ќе се земат предвид принципите според кои дејствува оваа партија, покрај нејзиното децениско неприкосновено владеење, кое во своите крајни фази доби изразени автократски димензии.
Сепак, карактеристично овој пат за ВМРО-ДПМНЕ е тоа што внатрешниот судир почна да се развива околу прашање од стратегиско значење за државата – договорот за надминување на долгогодишниот спор со името и неговото спроведување. Челичното единството кое за полибералните општествени слоеви се чинеше дури и невкусно и нерационално, почна да се прекршува откако новото партиско раководство не сакаше или не умееше да го искористи во своја полза моментот на подготвеност на владејачката гарнитура да ја плати политичката цена за постигнувањето на договорот со Грција – како нужно зло за деблокада на евроатлантските процеси на земјата.
Наместо очекуваниот, од повеќе страни, придонес на опозицијата за постигнување политички консензус во однос на стратегиските приоритети на државата, нејзиното раководство потроши милиони атоми енергија во обиди да ги униформира ставовите на целото членство за блокада на референдумот и против уставните измени. На крајот, резултатот за ВМРО-ДПМНЕ е промоција на партијата како неконструктивен фактор подложен на концепциски судири од големи размери.
Од тој аспект, не е тешко да се разбере Мицкоски кога вели дека медиумите треба да престанат да се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ и да се свртат кон политиките на власта. Но, кога ќе го каже тоа, треба да има предвид дека токму политиките на ова опозициско раководство во контекст на клучните процеси што се одвиваат во државата произведуваат ситуации кои ја ставаат ВМРО-ДПМНЕ во центарот на вниманието дефокусирајќи ја јавноста од политиките на власта.