Радичевиќ: Не ни недостига мотивација да направиме исчекор повеќе од лани


Ракометарките на Вардар в сабота во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански” ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите. Во Скопје гостува Мец, екипа која изминатите години знаела да му создади големи проблеми на македонскиот првак.

Капитенот Јованка Радичевиќ со нетрпение го очекува дуелот со Французинките.

– Ни доаѓа екипа која на секоја позиција има по два одлични играчи, играчи кои освоија светско првенство. Но, подготвени сме. Го гледавме Мец и не ни недостига мотивација да направиме исчекор повеќе од лани. Верувам во својата екипа и дека клучот лежи во добра одбрана, и сигурна сум дека и нашите голмани Амандин Лејно и Ина Суслина ќе бидат одлични како и секогаш. Сигурна сум дека срцето ќе го оставиме на терен, пред сѐ во одбрана. Против нив е важно да имаме малку технички грешки, зашто се екипа која играат во сите можни зони. Верувам дека ќе ги освоиме двата бода и ќе си го олесниме четврт финалето, изјави Радичевиќ.

Десното крило на Вардар ги повика навивачите да дојдат во што поголем број во „Јане Сандански“ и да направат атмосферата каква што беше против Турингер.

– Ги повикувам навивачите да дојдат, да не бодрат, зашто со нив е многу полесно да се стигне до победата, рече Радичевиќ на денешната прес-конференција.

Вардар е единствена екипа од нејзината група што во првата фаза победи на сите натпревари. Во Главната фаза во лигата, покрај Мец, ги очекуваат Будуќност и германскиот Битигхајм