Пукна балонот


Александар Николоски

Не е голема новина да се каже дека во политиката повеќе се ветува од тоа што потоа се остварува. Некако тоа стана синоним за политичарите. Сепак, не е исто дали најголем дел од тоа што ќе го ветите ќе го реализирате или најголем дел од тоа што ќе го ветите нема да го реализирате. Ветувањата мора да се основани и со голема резерва околу нивната реализација, кога се ветува треба добро да се пресмета, да се видат не само буџетските импликации, туку и изводливоста на проектите. Кога се настапува искрено и реално пред граѓаните, тоа тие повеќе го ценат.

Кога се настапува со лажни ветувања, тогаш проблемот е далеку поголем. Можеби на краток рок се добива некој поен плус, се добиваат можеби и избори, но разочарувањето кое потоа следува е еднакво големо како и лажната надеж која се створила. СДСМ и Зоран Заев пред изборите ветија многу. Како што гледаме, реализираат речиси па ништо. Затоа и разочарувањето е големо, особено кај луѓето што искрено поверуваа во тие слатки лаги. Факт е дека Владата на СДСМ нема ни човечки капацитет ни политичка филозофија да го реализира тоа што го вети. Не може министрите да работат од 10 до 14 часот, а директорите од 12 до 14 часот и да се очекуваат резултати. Резултати од кафулиња, ресторани, фитнес-центри, спа-центри или базени не се постигнуваат. Резултати се постигнуваат со многучасовна работа во канцеларија и на терен.

Ветувањата од изборите сѐ уште се свежи. Така, сите го паметиме ветувањето за 500 евра просечна плата, па како тоа во семејство со двајца вработени би биле 1.000 евра месечни примања. Целата кампања на СДСМ се постави на тие фамозни 500 евра просечна плата. Ветуваа без никакви проекции, без никаков план, без никакви анализи единствено беа гласни на говорниците пред граѓаните. Ги гледаа граѓаните во очи и без никаков срам ги лажеа.
Како од ракав ветија зголемување на основна плата на сите здравствени работници за 100 проценти со што ќе се спречел одливот на медицински кадар. Како резултат на ова лажно ветување се соочуваме со фактот дека медицинскиот кадар го гледа својот излез надвор од Македонија, разочарани од лажното ветување за 100 отсто зголемена плата. Исто така, за медицинскиот кадар ветија и дека дневниците за дежурства на докторите и медицинските сестри на клиниките и во болниците, следната година ќе бидат поголеми. За да го исполнат ова ветување им помина и рокот кои сами го имаа објавено. Рок на реализација на ова ветување беше март и април.

Граѓаните ги чекаат ветените проекти и секојдневно сме сведоци на критики насочени кон владата. Најразочарани се оние кои наивно влегоа во т.н. „Шарена револуција“, која очигледно беше една голема манипулација со цел да се привлечат разочараните од претходната Владата, како и неопределените. Каде се денес првенците на „Шарената револуција“? Во Владата и Собранието! Каде се резултатите од ветеното во истата? Одговорот е јасен – ги нема!

Високопоставените цели мора да се реализираат, програмата која ја претстави СДСМ на изборите и ветувањата дека откако ќе дојдат на власт ќе тече мед и млеко по улиците ги зголемија и тоа како очекувањата на граѓаните. Владата како да нема стабилен курс, па не се во состојба ниту веќе започнатите проекти за кои целосно се обезбедени средства да ги завршат, а не пак да ги исполнат ветените проекти. Младите очекуваа изградба на студентски град во рамки на студентските домови. Наместо студентски град студентите видоа змија од неколку метри во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, падна плафонот во студентскиот дом „Кузман“ и со ребалансот на буџетот ја стопираа реконструкцијата на останатите два блока во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Вака ли со лажни ветувања ќе ги задржиме младите во Македонија? Замислете колкаво е разочарувањето токму кај младите кои беа излажани и изманипулирани, кои очекуваат младинска гаранција, спектакуларно најавувана за време на кампањата. Младите добро паметат што се им беше ветувано за време на изборите.

Заев ветуваше нови 600 километри автопат, ветуваа нова инфраструктурна експанзија и градежна експанзија. Повторно од сето ова нема ништо, градежните работници се соочуваат со можни отпуштања од работа. Падот во градежништвото се зголемува секојдневно.
Од инфраструктури проекти ветија и железничка пруга Кичево-Охрид-Струга-Граница со Албанија, а не се во состојба ни автопатот Охрид-Кичево да го завршат кој е 70 проценти реализиран. Дури ни најголемиот предизборен проект на СДСМ – промена на водоводната мрежа во Арачиново – не е реализиран.

Ветувањето за бројчаникот на Триумфалната порта не е реализирано бидејќи задолжувањата откако е СДСМ на власт се рекордни.
Викендов на протестот во Дебрца беше очигледно разочарувањето на жителите на оваа општина. На еден од транспарентите кои ги носеа жителите на Дебрца кои се борат ја стопираат изградбата на регионална депонија во нивната општина пишуваше на лагата и се кратки нозете, од нас баравте глас. Разочарувањето кај овие луѓе на кои им ветуваа здрава животна средина, а во еколошки најчистата општина сакаат да направат регионална депонија е огромно.

Народот е мудар и памети, а должност на политичарите е да имаат искрен однос пред граѓаните, да ветуваме реални проекти и секако да ги исполниме нашите ветувања.

Големите очекувања носат уште поголеми разочарувања. Оваа влада на СДСМ е пример како не треба да се повтори начинот на кој ги излажаа граѓаните пред избори и степенот на мрзеливост и неработа.

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)