Пссст… Мицкоски размислува


Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, ќе размислува до 10 септември, кога рано сабајле, понеделнички, ќе им приопшти на своите следбеници и на граѓаните на Македонија и на браќата и сестрите од дијаспората што смислил. Несудениот научник пресметал дека му требаат уште само 33 дена да ја проучи целата ситуација околу жална Македонија, па да одреди точно каде ќе се најде татковината му откако тој ќе ја донесе мудрата одлука за иднината на својот народ. На Господ му требале помалку денови да го создаде светот што е сосема разбирливо оти Мицкоски не е Господ. Но, рака на срце, како малку да попримил некои божји особености, па сака својата одлука да ја обнароди како божја заповед, како спас за библиска Македонија. Во улога на месија, лично од бога пратен, ќе тргне кон ветената земја, а зад него сиот народ.

Пссст, тишина. Не кревајте врева, Мицко го чита договорот со Грција. Само за еден час стана еден од трите отсто привилегирани граѓани кои го прочитале предавството на Македонија. Па, не било ова толку лошо, како што ми прикажаа тие што уште не го прочитале. Тоа што го пишува во договорот и јас би го потпишал со две раце, му помина еретичка мисла низ главата, ама само за миг. Веднаш си го гризна јазикот, скраја да е, иако пак му светна грешна мисла дека тоа би било добар адут за пазарење со Америка и со Брисел. Но веднаш ја отфрли како голем грев. Боже прости ми, рече покајнички и продолжи да размислува.

Прво што помисли е дека е во право неговиот претседател Ѓорге Иванов кога генијално откри дека е поважно тоа што не го пишува во договорот отколку тоа што го пишува. Знае човекот што е данајски дар. Правниците од римското право до денес, до појавата на проф. д-р Ѓорге Иванов на Мечкин Камен не ја промениле универзалната одредба дека тоа што не го забранува законот е дозволено. Со грчки договор, колку и да е озаконет, може да излезе работата поинаку. На пример, универзалното право, декларациите на ОН за самоопределување, според нив, никој не може да им забрани на Македонците да бидат Македонци, или на кого било да биде тоа што сака да биде, и по вера и по национална припадност. Арно ама, не пишува така во договорот со Грција, а штом не пишува, значи дека Грците ќе ни забранат да бидеме Македонци. Правилно и длабокоумно расудува претседателот на државата. Тој како правник по ука знае дека сè што не е забрането е слободно, освен неговото толкување на договорот со Грција бидејќи е обичен предавнички пакт со непријателот за прифаќање на ултиматум со потпишување на капитулација. Одредбите во договорот за македонскиот јазик да остане тоа што е: македонски јазик, како што е запишан во ОН, македонско државјанство да си биде македонско и, конечно, потврдата дека останува суштинското име на државата Македонија, по анализирањето на точките и запирките и особено на она што не го пишува во договорот, не вредат ништо поради додавката северна. Сè е тоа сечење на гранката на која седиме и јас и претседателот на државата, ќе заклучи Мицкоски по седмиот ден длабоко размислување и ќе престане да го чита повеќе договорот бидејќи ѓаволите почнаа да му го прикажуваат сè повеќе како добар и прифатлив, а претседателот на државата му се привиде како антички војник со шлем на главата, како на Александар Македонски, кој навива сам во празната арена „Филип Втори“ на натпревар кој е прогласен за пораз со три спрема нула оти нашите ја бојкотираа Македонија без да играат. Не излегоа на терен

На тринаесеттиот ден ќе стасаат наречниците да му ја кажат судбината на Мицкоски, негова и на Македонија. Дотогаш реши да размислува само за геостратегиските настани во регионот и помалку за по дома. Не можеше долго да одгатне дали е добро за Македонија тоа што Грција и Русија се караат и си протеруваат дипломати. Провери на Гугл како беше тоа: непријателот на мојот непријател е мој пријател или, пак, непријателот на мојот пријател е и мој непријател или, пак, пријателот на мојот пријател е и мој пријател. Да, ама никако не беше сигурен кој му е пријател, оти во партијата го беа научиле на забрзан курс дека сите ни се душмани, и комшиите, особено тие и големите сили, особено Америка и ЕУ и НАТО сите до еден. Тоа што ние сакаме да бидеме во нивно друштво, тоа си е дел од стратегијата на партиската борба за власт која нема врска со вистинското пријателство. Сакаме да влеземе во ЕУ и во НАТО, ама според нашите правила, а не нивните. Мицкоски по долго размислување заклучи дека е добро што се караат Русија и Грција да не се шири НАТО понатаму на Балканот. Ама, пак го фати шубе, а што ако не се караат туку само се преправаат. Подобро е Грците да бидат криви ако не го ратификуваат договорот отколку ние ако го бојкотираме референдумот. А, што правиме ако референдумот успее. Кај ќе одиме, ако бојкотираме напразно. Го одложи овој проблем за да го разгледа повторно по неколку дена кога ќе види накај каде ќе одат работите оти почна да го јадат јанѕите што некои антички Македонци станаа поголеми Руси од Русите, преку ноќ го загубија идентитетот и попримија славјанска душа.

Му дојдоа на ум Албанците и Србите. Што прават овие, дали се нормални. Ја отвораат Пандорината кутија повторно за промена на границите на Балканот. Ќе менуваат територии сосе луѓе. Прешевската Долина ќе се припои кон Косово, а српските општини на Косово кон Србија, веројатно не само таму, туку и Босна ќе се цртаат нови географски карти. Кој рече и во Македонија. Нема шанси… без војна…му застана мислата. Не сакаше натаму да мисли што сè може да биде ако почнат да се поставуваат нови граници. Откако се преслуша и со Бугарите, и овој Договор му се виде ептен добар. А, Америка и Русија… што правиме со Доналд Трамп и Владимир Путин, двајцата најмоќни луѓе на дуњава. Ако тие се раскусуруваат за големите влогови при нова поделба на светот на сфери на влијанија, со ова парче што преостана од Балканот како ничија земја, тогаш не ни се пишува ништо добро. Секогаш малите страдаат кога служат за враќање кусур. Може ли Трамп да му рече на Путин задржи го Западен Балкан како мала напојница за Сирија.

Што правиме со Брисел и со ЕУ. Секој ден стасуваат вознемирувачки пораки. Неприфаќањето на договорот со Грција бил диверзија, Ципрас и Заев биле за Нобелова награда, членството во НАТО и преговорите со ЕУ зависат само од референдумот и од уставните промени, од владеење на правото, од судски пресуди со казни на високи функционери обвинети за повеќе злодела… Македонија не смее да ја испушти историската шанса за својата иднина… секој ден тоа го повторуваат европските политичари, државници, интелектуалци, деловни луѓе, научници… дрн дрн јариња… како ние да не знаеме дека е така. Како да им соопштам дека ги повикуваме сите граѓани на Македонија и надвор од неа, без оглед на национална и партиска припадност, да го прифатат договорот со Грција кога толку го испоганивме, па сега тоа треба да го излижеме. Башка летово судовите ќе работат турбо. Ќе паѓаат пресуди како никогаш.

На 10 септември ќе обелоденам, речено меѓу нас, дека ги повикуваме граѓаните да гласаат според своите убедувања, се разбира, ако не се случи некое чудо. А, до 10 септември, прашувате што ќе правиме? Ништо особено ќе водиме кампања против референдумот и ќе ги критикуваме предавниците што го потпишаа договорот и ќе тврдиме дека сме за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ и дека ние можеме да направиме подобар договор. Тоа значи дека повикувате на бојкот? Не, тоа значи дека до 10 септември власта треба да каже дали ќе ги прекине судските процеси против врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Не мора да каже ништо, ама да го прекине прогонот на нашите невини луѓе. Ништо повеќе. Дали тогаш ќе повикате да се прифати референдумот? Даааа. А, дали тоа значи дека приврзаниците на ВМРО ДПМНЕ се како електричен шпорет, па вие можете да ги вклучите и исклучите кога сакате? Дааа. Ова ли го смисливте за 33 дена? Даааа. Многу јако. Алал вера. Како само ви текна.

Ерол Ризаов

 

 

 

.