Прочитани 608 материјални докази за „Топлик“
По завршувањето на неколкучасовното читање на 608-те материјални докази од страна на обвинителите на СЈО во врска со предметот „Топлик“, во кој првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, судијата Осман Шабани го прекина судењето и ново рочиште закажа за 29 јуни.
Рочиштето е одложено со цел, како што рече судијата Шабани, обвинителите на СЈО да се подготват за презентација на доказите кои се побарани од одбраната на обвинетите во овој случај.
Одбраната од судот побара на следното рочиште да биде повикано и вештото лице Борис Тунчев со цел да биде сослушан.
Претходно на почетокот на денешното судење адвокатите побараа да се изврши анализа од стручно лице на прислушуваните разговори кои беа презентирани на минатото рочиште. Според адвокатите, постои сомнеж „бомбите“ да се менувани за што им било кажано од технички советник поради што предложија да се наложи нивно вештачење.
Адвокатката Сања Алексиќ рече дека постојат технички лаборатории каде што може да се утврди автентичноста, веродостојноста и целовитоста на снимките.
Според обвинеието на СЈО, пвоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.