Протест на пензионерите во Грција


Политиката на актуелната грчка влада, но и на претходните влади во Грција, антикризните мерки што донесоа и носат кратења, уште еднаш ги натераа пензионерите да излезат на протест во центарот на Атина.

Се собраа на централниот плоштад во близина на зградата на општина Атина и продолжија кон Министерството за труд и социјала, каде што претставници на организациите на пензионерите, доставија документ со нивните барања: укинување на законот од 2016 со кој се предвидени нови кратења, што може да резултираат со загуба на 3 или 4 пензии годишно.

Дописникот на МИА од Атина, поразговара со дел од пензионерите кои велат дека единствен начин да им се вратат скратените пари е да продолжат со нивната борба и протестите. Од почетокот на кризата во Грција во 2010 до денес, со меморандумите, нашите соговорници, објаснуваат дека загубиле од 40-50 отсто од нивните пензии.

Јанис работел 40 години како механичар со тешки машини, од неговото пензионирање до денес, загубил 1400 евра месечно.

– Грчките влади ни ги скратија пензиите. Мислам дека точниот израз е: ни ги украдоа пензиите. Јас во 2011 се пензионирав, тогаш земав 2500 евра, а сега земам 1100. Ми имаат скратено сѐ. И бонуси и додатоци. Сфаќате каков грабеж е тоа? Тие што ни ги украдоа пензиите се познати, имаат имиња и сите ги знаеме кои се, вели пензионерот Јанис.

-Над 40 отсто ми скратија, тоа се наши пари, мои пари. Сите влади што доаѓаа продолжуваа исто: кратења, кратења и само кратења. Од 1980 евра колку што земав на почетокот, со политиката на владата, сега ќе стигнеме на 500-600 евра, објаснува Василис во разговор за МИА, кој 40 години работел како возач на камион.

Госпоѓа Фотула и госпоѓа Христина, динамично учествуваа во протестот, коментирајќи дека тоа е единствениот начин за владата да ги слушне нивните барања. И двете се пензионирале по 36 години работа, едната била службеник, другата инженер.

– Двеста евра месечно ми скратија. Очекувам и дополнителни намалувања. Но, сѐ зависи од нас. Ништо не ни подарија, овие пари се наши. Ги испразнија фондовите и сега пак ние треба да плаќаме, за нешто што веќе сме го платиле. Треба да ни ги вратат парите, вели Фотула.

– Си го бараме назад нашиот живот, си го бараме назад она што ни го земаа. Имавме една нормална, човечка пензија за која плаќавме цел живот и сега доаѓаат и ни земаат сѐ. Мене ми скратија 50 отсто од пензијата. Не можеме да живееме со 400-500 евра месечно, објаснува пензионерката Христина која 36 години работела како инженер.

Пензионерите кои денеска излегоа во центарот на Атина, велат дека протестираат не само за намалувањата и кратења, туку и за иднината на нивните деца и внуци. Не се воопшто оптимисти дека ситуацијата во следниот период ќе се подобри, напротив, коментираат дека доколку владата не одговори позитивно на нивните барања, ќе загубат дополнителни пари или како што велат „ќе живееме со џепарлак, а не со пензија“.

Протестот заврши мирно, а пензионерите не ја исклучуваат можноста и во иднина да продолжат со демонстрациите, јави дописникот на МИА од Атина.