Промоција на романот „Барутни облаци“ на Бранислав Ѓорѓевски


Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде промовиран романот „Барутни облаци“ на Бранислав Ѓорѓевски, објавен од издавачката куќа „Академски печат“.

– „Барутни облаци“ е роман кој зборува за човекот против системот, вербата против верата, мирот наспроти војната. Станува збор за ововремена и овдешна дистопија во чиешто средиште се Михаил и Елеонора, млади уметници кои спротивно на сопствената волја се втурнати во вителот на верска војна, соопшти МКЦ.

Бранислав Ѓорѓевски дипломирал на студиите по новинарство на Правниот факултет во 2009 година. „Барутни облаци“ е негов прв роман, кој вечер во МКЦ ќе го промовираат новинарите и колумнисти Ѕвездан Георгиевски и Сашо Кокаланов.

Ѓорѓевски досега има издадено две збирки раскази – „Сите тие краеви“ (2012) и „Северно од сонцето“ (2015) – која е преведена и објавена и на германски јазик под наслов „Надвор од балканската рута“.