Промотивна евровизиска турнеја на „Ај Кју“: Црвен килим во Ерусалим


Македонските евровизиски претставници „Ај Кју“ тргнаа на промотивна турнеа низ неколку земји кои учествуваат на „Евросонг“ . Дел од патувањето на Бојан Трајковски и на Марија Наумовска е и Израел. Тие на својот Инстаграм профил објавија слика од посета на Ерусалим, дружејќи се до дел од тимот на швајцарската евровизиска делегација.

За евровизиските делегации од дваесет и пет земји организаторот подготви низа активности, како свечена церемонија во Тел Авив со црвен килим за евровизиските ѕвезди, разгледување на Ерусалим и гала забава, а настанот традиционално вклучува и засадување дрвца во Претседателската шума, прес конференција и средба на евровизиските претставници со медиумите.

Трета година по ред евровизиски делегации од цела Европа се собраа во Израел, за да бидат дел од четиридневниот промотивен настан насловен „Израел ве повикува“.

Ваквите промотивни настани во евровизискиот круг се актуелни цела деценија, откако пред единаесет години во Лондон се одржа првиот промотивен концерт. Но Израел годинава ја издигна организацијата на досега највисоко ниво, поместувајќи го настанот од затворена сала во концерт на отворено со бесплатен влез за публиката, па се очекува околу десет илјади луѓе да го исполнат плоштадот Рабин и да уживаат во годинашните евровизиски песни.

„Навистина се радуваме и со нетрпение ја очекуваме оваа вечер и најголемиот евровизиски промотивен концерт во историјата“, изјави Тали Ешколи, организатор и продуцент на „Израел ве повикува“.

  1. издание на „Евросонг“ ќе се одржува од 8 до 12 мај во Лисабон, а Македонија настапува во првото полуфинале, на 8 мај со песната „Lost and Found“.