Промовиран првиот акустичен албум на Влатко Стефановски: Оваа музика за мене е мајчин јазик


Првиот акустичен албум на Влатко Стефановски, насловен „Мајчин јазик“ концертно ќе биде  промовиран на 17 март во салата на Македонската филхармонија во Скопје. Како гости на концертот ќе се појават македонскиот состав „Љубојна“ како и Биља Крстиќ од соседна Србија. По настапот во Скопје, Стефановски концертно ќе го промовира албумот и во Белград, во Љубљана, а ќе има и еден концерт во Виена.

Албумот беше објавен пред неколку месеци под етикетата на издавачката куќа „Кроација рекордс“.„Мајчин јазик“ доаѓа три години по неговиот последен албум „Сеир“, но за разлика од тој, новиов донесува десет инструментални верзии на македонски народни песни, но и теми од опусот на „Леб и сол“.

– Идејата за ваков албум датира уште пред дваесетина години, но никогаш не доаѓаше ред да се реализира тоа. Сега дојде моментот за тоа. Ова практично претставува едно мое мало интимно парче музика. Песните на албумот не се преработка на македонскиот фолклор, како што многумина милуваат да кажат, туку јас им давам мој ракопис односно потпис на веќе познатите песни од македонската културна и музичка традиција, рече Стефановски на вчерашната прес-конференција за албумот во Скопје.

Меѓу песните на албумот „Мајчин јазик“ се „Бистра вода“, „Успаванка за Радмилу М“, „Јано мори“, „Димитрио, сине Мите“, „Македонско девојче“, како и „Зошто си ме мајко родила“, која е посветена на Стево и на Есма Теодосиевски. Како бонус песна, која е единствена вокална на албумот, е „Море сокол пие“, која Стефановски ја изведува заедно со Раде Шербеџија, кој ги пее стиховите на оваа позната македонска песна.

– Албумот го насловив „Мајчин јазик“ затоа што оваа музика за мене е мајчин јазик. Тоа не е во контекст на текстуалниот или вокалниот дел, туку на музичкиот. Во последно време сѐ повеќе се насочувам кон тоа што најдобро го знам, а тоа е свирењето. Но за да се сними ваков албум, потребно е да ја имате вистинската енергија, односно што би се рекло народски, да се погоди моментот,  вели Стефановски.

Тој потврди дека голем дел од материјалот е снимен од прва, без да се прават неколку пробни верзии и свирења на темите. Исто така Стефановски рече дека албумот е снимен во еден минималистички манир со само еден микрофон и без премногу дополнителни технолошки помагала.

Албумот „Мајчин јазик“, доаѓа со интересна насловната страница, на која се наоѓа фотографија од неговата мајка Нада, во улога на Маша од драмата „Жив леш“ на Толстој која датира од доцните 1940-ти.