Промовиран нов концепт за граѓанско образование за активна улога на учениците во општеството


Новиот концепт за граѓанско образование подразбира систематизирано подготвување на младите за нивна активна улога во општеството и стекнување на современи граѓански компетенции согласно препораките на Европската комисија. Целиот живот во училиштата треба да биде базиран на градење на граѓански вредности кај младите и нивно постепено воведување во процесите на граѓанско учество. Токму затоа, концептот не подразбира само теоретско изучување на определен предмет, туку и меѓупредметно поврзување во наставните активности и младински иницијативи. Ваквиот приод се базира на позитивните искуства од други земји, но и на контекстот на нашето мултикултурно општество.
Ова го соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми на денешната промоција на новиот Kонцепт за граѓанско образование, што е поддржан од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), УСАИД и детската фондација „Песталоци“. Имено, новата наставна програма за граѓанско образование за осмо одделение што се применува од септември 2018-та, за деветто одделение ќе се применува од септември, оваа година. Модуларната наставна програма за граѓанско образование за прва година во средно стручно образование, исто така се применува од минатиот септември во шест пилот училишта.
– Сигурен сум дека сите ние веруваме во моќта на образованието. Да ги воспитуваме младите во духот на демократските вредности. Квалитетното граѓанско образование ќе овозможи да градиме генерации на ученици кои ќе бидат информирани и активни и кои ја разбираат својата улога и одговорност како граѓани. Тоа е клучен дел од секоја демократија, истакна Адеми.
Директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќири Хасипи рече дека наставниците имаат многу важна и благородна улога да ги инспирираат учениците да анализираат и критички да размислуваат за светот што не опкружува и да ги поттикнат да се ангажираат за подобрување на заедницата преку волонтирање и младински активизам.
Директорката на МЦГО Лорета Георгиева посочи дека соработката на граѓанскиот сектор со институциите не само што е можна туку е и неопходна за да има позитивни резултати за модерни реформи во образованието.
– Изработката на овој нов концепт за граѓанско образование е само еден од чекорите во реформите што следат. Ако сакаме навистина учениците да го практикуваат тоа што го учат за време на часовите по граѓанско образование тоа треба да стане секојдневие на училишниот живот, рече Георгиева.