Промовирано новото концертно пијано „Стенвеј“ на Македонската филхармонија


На синоќешниот симфониски концерт на Македонската филхармонија насловен „Север и југ“ првпат беше јавно промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“, кое претставува донација од градежната компанија „Страбаг“.

Како солист на пијаното се претстави врвниот руско-германски пијанист Евгениј Судбин, кој маестрално го изведе Концертот за пијано и оркестар во a-moll од Едвард Григ.

Настанот беше поздравен со овации, а директорот на Македонската филхармонија Виктор Илиески им се обрати на присутните пред почетокот на концертот, истакнувајќи дека концертот за тимот на Македонската филхармонија е посебен.

– Вечерва првпат го промовираме на симфониски концерт новото концертно пијано од престижната марка „Стенвеј“ кое ќе прозвучи од рацете на извонредниот руски пијанист Евгениј Судбин, еден од најбараните современи уметници. Со големо нетрпение ја чекавме оваа вечер која претставува историски миг, не само за нас, туку верувам и воопшто, за македонската музичка култура, рече Илиески.

Директорот потсети дека пијаното е добиено со помош на престижната градежна компанија „Страбаг“ која учествуваше во изградбата на објектот на Филхармонијата. – Купувањето на концертното пијано е своевидна порака дека не треба да отстапиме од нашите идеали, дополни Илиески.

На синоќешниот настан беа доделени две благодарници, едната на компанијата како генерална заслуга на сите вработени таму и втората на Драган Павелиќ, член на Управниот одбор на „Страбаг“, за неговата лична заложба во збогатување на музичкиот живот во Македонија.