Производителот на најлегендарните гитари „гибсон“ прогласи банкрот
САД – Тие што се плашеа од смрт на рокенролот нема да бидат среќни од веста дека „Гибсон брендс“, производителот на едни од најлегендарните американски електрични и акустични гитари, прогласи банкрот.
Компанијата со седиште во Нешвил соопшти дека поднесува барање за банкрот и дека работи на рефокусирање, реорганизирање и реконструирање – односно пробува да изнајде начин да излезе од купот долгови – преку отфрлање неколку од дополнителните бизниси и концентрирање на својата првична мисија – продажба на музички инструменти.
„Во текот на изминатите 12 месеци направивме значителни чекори преку оперативно преструктуирање. Продадовме несуштински брендови, ја зголемивме заработувачката и ги намаливме барањата за обртен капитал“, изјави извршниот директор на „Гибсон“, Хенри Јушкевич, во соопштението.
Се чувствуваше пропастот на легендарната компанија за гитари бидејќи нејзините годишни приходи паднаа за речиси половина милијарда во последните три години. Таа има долгови помеѓу 100 и 500 милиони долари и им должи пари на најмалку 26 други компании. Регулативите за увоз на дрвото за производство го попречија бизнисот во последните неколку години, како и драматичното паѓање на продажбата на гитари во целост. „Фендер“ е исто така во долгови. Водечкиот продавач на инструменти „Гитар центар“ виси исто така.
Но нема само лоши вести. Компанијата „Гибсон“, која исто така поседува и произведува музички инструменти под многу други брендови, како што се „епифон“, „крејмер“, „стеинбергер“, „добро“ и „болдвин“, сѐ уште се успешни во индустријата и обновениот фокус на компанијата на бизнисот со инструменти може да им дозволи да истражува нови начини за привлекување музички обожаватели.
„Името ‘Гибсон’ е синоним за квалитет и денешните активности ќе им овозможат на идните генерации да искусат звук, дизајн и изработка каква што не виделе досега, квалитет кој нашите вработени го вложуваат во секој производ на ‘Гибсон’“, изјави Јушкевич.