Прогласени најдобрите угостителски објекти во Скопје во 2018 година


„Лајт џез клуб“, „Стара градска куќа“ и „Скопски мерак“ годинава се најдобри три ресторани во главниот град, избрани од Секторот за локален економски развој  на Град Скопје во соработка со SWOT Research – специјализирана  агенција со експертско знаење и искуство во анализа на квалитетот на услугата.

Преку тајни купувачи за најдобри три гостилници се прогласени: „Дневен престој“, „Гостилница Градска кафеана“ и „Дебар маало“, во категоријата кафулиња најдобри се: „Спик изи“, „Коктел бар“ и  „Рок бар Круг“, а во категоријата лаунџ и мезе барови: „Дистрикт бар енд кичен“, „Паблик рум/Јавна соба“ и и „Соул кичен бар“.

Плакетите на 11-тата манифестација „Најдобар угостителски објект меѓу најдобрите″ во Скопје на годинашните добитници им ги врачи Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој  на Град Скопје.

– Скромните признанија во форма на плакети што сега ги доделуваме, ќе се потрудиме во наредните години да прераснат во награди што ќе бидат синоним за квалитет на еден угостителски објект. Целта на овој проект е да се разбуди свеста кај угостителите и кај граѓаните за важноста на квалитетот на услугата во угостителската дејност, како и да се подигне општото ниво на квалитет во угостителските објекти на територијата на градот, рече Тодоров.