Проблематичен до крај


Фросина Факова-Серафиновиќ

Десет години додека беше на власт секојдневно се појавуваше со изјави во медиумите, одговараше на нарачани прашања и се фалеше со позитивни вести за граѓаните. Сега,пак, медиумите се преполни со вести за експремиерот Никола Груевски чија поента е – дека исчезнал во непознат правец. Кога дојде време да оди во затвор за да одговара за злоупотребите, Груевски се сокри, држејќи ја македонската јавност веќе неколку недели во неизвесност дали и  кога конечно ќе влезе во истражниот затвор Шутка.

Првата вест, дека Груевски многу скоро ќе заврши во затвор или ќе му застари делото, се појави уште од август. Од тогаш почна и одбројувањето. Новинарите ги научија сите процедури како се оди во Шутка, а тој ги искористи сите правни процедури и можности само да не оди. Се правдаше дека има обврски како пратеник во Собрание и  дека треба да пишува книга, но судот му ги одби сите барања. Жалбите не стигнаа до Врховниот суд, во кој се гледаше последниот спас за него. Но, тој не се откажува, повторно бара Кривичниот суд да го одложи неговото издржување на казната врз основа на вонредниот правен лек што го поднел до највисокиот суд. Причина плус била и одлуката на Комисијата за спречување дискриминација, која утврдила дека судијката Добрила Кацарска го дискриминирала.

Во петокот попладне Кривичниот совет ја донесе конечната одлука и го одби и последното барање на Груевски да го одложи неговото заминување во Шутка. По одлуката на судот, десетици новинари заминаа да го чекаат пред затворот во Шутка до доцна во ноќта,а некои и до сабајле, но тој не дојде. Судот оттогаш му праќа судски курир за да го извести дека мора да се јави на издржување на казната, но тој никако да го земе решението од судот кое станува извршно веднаш штом ќе го прими. По неуспешните обиди во петокот, најавите беа дека решението ќе му го достават во понеделник, но судот заборавил дека рочиштето за „Титаник“, на кое требаше да се појави експремиерот, било одложено за в среда. Куририте и вчера цел ден ѕвонеа во станот во зградата каде што десет години живее Груевски, во центарот на Скопје, спроти седиштето на неговиот најлут противник СДСМ. Но, вратата ја отвора неговата сопруга Боркица и докажува дека Груевски не е тука.

Она што се зборува во судските кругови е дека Груевски нема да избега и дека ќе дојде време и тој да ја издржи затворската казна. Откако не го најдоа дома, МВР распиша потерница по него и сега го бара полицијата. Но, ако го апсат, тоа нема да го сторат неговите телохранители кои го чуваат  откако падна од власт. Тоа ќе го направат полицајци од СВР-Скопје.

Со оглед на тоа дека Груевски не се појави кога Кацарска му ја изрече првата пресуда за случајот „Тенк“, тешко дека би влегол во Шутка пред многубројните новинарски екипи кои деноноќно го чекаат таму. За некого чија работа медиумите ја глорифицираа десет години и кој не трпеше критики ни затоа што задоцнил на настан, тешко беше за верување дека ќе дозволи неговиот пораз да биде документиран на видеоснимка. За него оваа пресуда е политички прогон исто како што беа и пресудите за политичките затвореници од неговото време. Тие тогаш беа жртви на режимот, но тој што го спроведуваше тој режим сега нема  храброст и доблест ниту да одглуми дека е жртва.