Приоритетите на бугарското претседавање со ЕУ пред македонската Влада


Амбасадорот на Бугарија во Македонија Иван Великов Петков, денеска на седница на македонската Влада, ќе ја презентира програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија.

На 50. седница на Владата ќе се обратат и претставници од Банката на Советот на Европа во врска со новиот клинички центар во Скопје, информира владината прес-служба.

Во текот на седницата ќе се расправа и ќе се одлучува по материјалите од годишните инвестициски програми и програми за финансирање, програмите за работа и финансиските извештаи на јавните претпријатија и државните агенции.

Владиниот кабинет треба да ги разгледа и Предлог-програмата за работа на Владата на Република Македонија, Информацијата за Програмата на економски реформи 2018-2020 година, предлог-програмите за развој на туризмот, на спорт и млади, како и повеќе предлог-програми и програми за иницијативи и проекти од повеќе министерства.

Дел од седницата се и Предлог-програмата за задолжително здравствено осигурување на граѓаните на Република Македонија, кои не се здравствено осигурени, како и предлог-програмите за лекување ретки болести, за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери, за обезбедување инсулин, како и други предлог-програми од Министерството за здравство кои се во насока на подобро организирање и подобрување на здравствените услуги на граѓаните на Република Македонија.

Министрите ќе разгледуваат и предлог-програми по иницијатива на Министерството за образование кои се однесуваат на научно-истражувачката дејност, подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард, како и реконструкција на основни и средни училишта.

Педесеттата седница на македонската Влада, според дневниот ред, има 98 точки.