Принц Мохамед бин Саламан: Турција е дел од „триаголникот на злото“


Саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман изјави дека Турција е дел од „триаголникот на злото“ заедно со Иран и исламските екстемистички милитантни групи.

Како што објави денеска египетскиот весник „Ал Шурук“, саудискиот принц, исто така, ја обвини Турција дека се обидува да го возобнови Исламскиот Калифат, кој пропадна пред повеќе од еден век со падот на Осмалиската Империја.

Весникот оценува дека ваквите коментари се одраз на длабоките сомнежи на Саудиска Арабија кон претседателот Реџеп Тајип Ердоган, имајќи пред вид дека Анкара застана на страната на Катар во спорот на оваа држава со Саудиска Арабија и неколку други арапски земји, кои ја обвинија Доха за поддршка на радикалните исламисти во регионот.

Освен тоа Турција започна иницијатива со Иран, главниот ривал на Саудиска Арабија на Блискиот Исток, за намалување на тензиите во Сирија, а началниците на генералштабовите на иранската и турската армија разменија посети минатата година.