Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ наградена во Нови Сад


Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш”, во продукција на Артопија, ја доби наградата за „Исклучителна експресивност на границата помеѓу театарот и останатите уметности или творештво во најширока смисла”, на фестивалот Инфант во Нови Сад, Србија.

„’Да го поздравиш и да ми го бациш’ ни носи исклучителна експресивност на еден млад театар, чии актери со огромен ентузијазам, без цензура и на најсуров, искрен начин доловија современа, актуелна тема заснована на лични исповеди. Документарниот театар на трупата Артопија преиспитува поетички и политички теми, како и ограничувањето да се биде млад глумец. Со бескраен ентузијазам, младите театарски автори, ангажирано и директно говорат и ги истражуваат судирите со кои секојдневно се среќаваат веројатно сите творци, во сите уметности. Иако во режијата, Билјана Радиноска користи минималистички мизансцен и сценска технологија, исклучително квалитетните актери Наташа Петровиќ, Симона Спировска – Костовска, Ненад Митевски и Бојан Кирковски храбро доаѓаат до општото значење на темата и до успешно емотивно дејство на сцената“, стои во образложението на жирикомисијата.

Годинешново издание на интернационалниот фестивал на алтернативен и нов театар ИНФАНТ (Нови Сад, Србија), беше 45 издание на фестивалот. Се одржа во периодот од 25 Јуни до 02 Јули, а публиката имаше можност да види одлично селектирана програма сочинета од 11 претстави, продуцирани во Шпанија, Русија, Србија, Унгарија, Словенија, Израел и Македонија.