Премиера на „Подигни ме“ на театарот Пи во Радовиш
Претставата „Подигне ме“ утре вечер премиерно ќе биде изведена во 20 часот во Центарот за култура „Ацо Караманов“ во Радовиш во режија на Македонка Илиевска и Златко Митрески.
Станува збор за копродукција меѓу „Центарот за изведувачки уметности и едукација Театар Пи“ и Центарот за култура „Ацо Караманов“ Радовиш.
– Текстот е филозофски, отворен, чесен, брутален, но и многу комично интересен. Игрово и забавно проникнување во природата на женските односи кон конзумеризмот, капитализмот и деструкцијата на современиот живот . Тоа е и социјалната метафора и критика на нео-либералниот капитализам во кој живееме по дарвинискиот принцип “јади за да не бидеш изеден”, наведуваат од Театарот Пи.
Шесте млади, успешни, силни и убави жени во претставата ги играат: Анета Илкачева, Викторија Коцева, Елена Чаракчиева, Верче Спасова, Маја Ужевска, Мартина Ристевска, кои ја водат својата битка за успех во општеството и разбивање на табуа.
Гледачите стануваат сведоци на нивните најинтимни преживувања, конфликтот на личноста и наложените општествени правила за успех, реализација и нормативи за среќа.