Прелетачевиќи


Соња Стојадиновиќ

Кога за време на претседателските избори во Србија во 2017 година како независен кандидат се појави Љубиша Прелетачевиќ-Бели, јавноста на почеток мислеше дека неговото име е вистинско. Но, ако поубаво се погледне презимето, кое е комбинација на формата на презиме заедно со основната карактеристика на балканските политичари, се добива вистинската смисла. Мнозинството од политичарите од Балканот се Прелетачевиќ, луѓе кои сезонски, а и во согласност со своите исклучиво лични интереси прелетуваат од едно политичко јато во друго. Такви македонската политичка јавност многу има да понуди, а единица мерка за таквите кај нас е Амди Бајрам, кој деновиве по кој знае кој пат го промени јатото. Сепак, поентата не ми е да зборувам/пишувам за летечките политичари, туку за оние од пониските ешалони што успеваат како камелеони, задржувајќи ја високата позиција, да ја преживеат промената на секоја власт.

Еден од условите за членство во Европската Унија пред чија врата стоиме од 2005 година е и решавање на наметнатиот проблем со името. Владата на СДСМ пред неколку месеци одлучи да го задржи како главен преговарач Васко Наумовски, инсталација од ВМРО-ДПМНЕ. Човек кој е заслужен за кадровското уништување на Секретаријатот за европски прашања, институција која е главниот мотор на европските интеграции на Македонија. Прашање е како ќе може Секретаријатот на највисоко ниво да ја врши својата функција кога ги нема луѓето што се заслужни за статусот кандидат за членство во Европската Унија. Не смееме да заборавиме колку јавноста се смееше на ората што се вртеа во македонската амбасада во Вашингтон додека тој беше таму амбасадор.

Се сомневам дека СДСМ нема квалитетен кадар за солиден министер за здравство, па мораше да се ја задоволи гневната јавност со Венко Филипче. Уште додека се вртеше неговото име, се објавија сликите како тој гордо стои покрај Никола Тодоров, министерот за смрт, како негов советник. Со оваа одлука директно се плука во лице на студентите и професорите кои солидарно и гордо излегоа на улиците да го бранат универзитетот, додека Филипче се потпишуваше на контрапленуми. Дали неговото поставување на министер е со цел да се задржи системот на труење на граѓаните со фалсификувани лекови? Ако се објави листа на испитани лажни лекови што директно довеле до смрт на пациенти, кој ќе одговара? Мрежата на фармацевтски компании во САД пред дваесетина години измислуваше болести за повеќе да се продаваат лекови на граѓаните, но ние сме посебен случај. Ние измисливме систем на увоз на фалсификувани лекови, за повеќе да си ги убиваме граѓаните. Од бизнис-агол гледано, ефикасна, но краткорочна инвестиција. Со иселувањето и умирањето, брзо ќе снема народ на кој ќе му се продаваат фалсификувани лекови што убиваат.

Квалитетниот кадар за клучни позиции постои, но прашање е дали СДСМ сака и има намера да го постави на соодветните места. Задржувањето на кадарот што го инсталираше ДПМНЕ е навреда за секој граѓанин што гласаше за коалицијата за живот. Кадарот може да се побара и надвор од партиските редови, не сме ние земја од милијарда жители, па да не знаеме кој за што го бидува. Напротив, многу добро се познаваме и лесно се наоѓаат квалитетни луѓе, само треба да се сака. Непотребно е да се оправдуваат некои одлуки за неквалитетен кадар на високи места со притисок од партијата и гласното негодување на некои што мислат дека заслужуваат позиции, а немаат квалитет. Со поставување на квалитетни луѓе и таквите брзо замолчуваат. Недозволиво е СДСМ да потпаѓа под притисокот на оние што имаат амбиција, а немаат муниција. Или, пак, сака да потпаѓа?

Со избор на неквалитетни кадри на следните парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или вонредни, постои голема шанса СДСМ да изгуби од ДПМНЕ. И со расколот што сега постои во нивните редови, кога во прашање се интересите на партијата и враќање на власта, тие брзо се консолидираат и организираат како војска. Да не го заборавиме и фактот дека и како партија и како индивидуалци тие се енормно богати.

Прелетачевиќ решенијата се лесни и брзи, затоа што и како кадар се послушни, но се немерливо штетни и нестабилни за системот и граѓаните. Единствениот квалитет им е континуираното менување на партиски дресови на ДА, СДСМ, ГРОМ и разни останати партии во согласност со дадената ситуација, додека способниот кадар останува на маргините или ја напушта државата. Годините на протести не беа за истите да останат во фотелјите, туку за да добиеме вистински промени. Вака, јазот помеѓу богатите и сиромашните се зголемува, народот сѐ повеќе се иселува, за на крај политичарите да немаат со кого да владеат. Браќата Срби викаат: узмите се у памет.