Пред утрешниот концерт: Зукеро денес со приватен лет пристига во Охрид


По концертот во Пловдив, а пред Лаухајм со 4 илјади жители во Германија, италијанската поп-ѕвезда денес пристига во Охрид со приватен лет, за утрешниот концерт од 21 часот, во спортската сала „Билјанини извори“.  Тајна е каде во Охрид ќе биде сместен Зукеро кој доаѓа со својата екипа и личната архитектка.

Скромни се барањата за светски познатиот музичар за првото гостување во Македонија, во организација на „Авалон“ продукција.

Во собите каде што ќе биде сместен Зукеро и неговата екипа, и во бекстејџ зоната, треба да има многу овошје, зеленчук и свежи сокови. Од пијалоците кои неговиот менаџерски тим го побарал од од македонските организатори, на листата се аперол, виски, но и  квалитетно вино. Од храната, Зукеро ја преферира својата домашна, италијанската, но во барањата е нагласено да има и морска храна.

„Зукеро и екипата имаат прилично скромни барања во рајдер листата, со оглед на тоа дека станува збор за ѕвезда. Инсистираат на многу вода, цедени сокови и освежителни пијалоци. Она што е најважно е техничкиот дел од организацијата кој мора да биде изработен до перфекција“, ни изјавија од „Авалон“.

Зукеро во Охрид доаѓа со репертоар од своите најголеми хитови меѓу кои:  „Senza Una Donna“ (во дует со Пол Јанг), „Dune Mosse“, „Baila Morena“, „Diamante”. Својата кариера, тој ја започнал во раните седумдесети години, а првиот, од шеснаесетте студиски албуми го издава во 1983 година. Најкарактеристичен е по својот блуз вокал, и поради неговата уникатност омилен е најмногу кај женската публика. Има остварено соработка со многу светски ѕвезди како  Ерик Клептон, Пол јанг, Стинг Реј Чарлс, Тексас, Џо Кокер, Брајан Адамс, Андреа Бочели…

Италијанската ѕвезда приватно има пет деца. Две ќерки од првиот брак со Анџела Фиџили и син со сегашната партнерка Франческа Моцер. Во 2013 година, посвоил две деца по потекло од Кенија. (Л.С.)