Прв состанок на работната група за измени на изборното законодавство


Во организација на Министерството за правда, а со поддршка на Граѓанската асоцијација МОСТ, денеска во Клубот на пратениците беше одржан првиот состанок на работната група што ќе работи подготвување на измените на изборното законодавство со цел адресирање на препораките на домашните и меѓународните набљудувачи за подобрување на изборниот процес.

Работната група е формирана од Министерството за правда, кое ќе управува со процесот на консултации со засегнатите страни, а поддршка на целиот процес ќе овозможи Граѓанската асоцијација МОСТ.

На денешната средба беа дефинирани општите принципи за работа на работната група. Членови на работната група, покрај претставници од Министерството за правда и Граѓанската асоцијација МОСТ, се и претставници на политичките партии, сите останати институции кои имаат надлежност во изборниот процес, претставници од останатите граѓански организации кои работат во областа на изборите. Придонес во работата на работната група ќе даваат и експерти на ОДИХР и ИФЕС, додека претставниците на меѓунадродната заедница ќе присуствуваат во својство на набљудувачи на процесот.

Поддршката која Граѓанската асоцијација МОСТ ја обезбедува на Министерството на правда во овој процес е овозможена преку проектот „Промовирање на слободни и фер избори преку транспарентност и застапување” кој е финансиран од страна на НЕД и Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е да се подготват измени на изборното законодавство преку вклучување на претставници од сите засегнати страни, соопшти „Мост“.