Празнична лектира за Мицкоски


Ерол Ризаов

Христијан Мицкоски, новиот лидер и јунак на ВМРО-ДПМНЕ, го дочекал утрото буден на прозорецот од белата палата за секој случај уште еднаш да провери дали пред зори е најтемно. Сакал лично да се увери во точноста на епската порака што ја упати до светот и до граѓаните на Македонија виа Америка. Неговите од револуционерната организација велат дека најдобро гледал во темница, имал сензори како лилјак. Летал Мицкоски во ноќта високо над Македонија сè додека не почнало да се разденува. Во првите мугри обневидел, па не можел да види дека средбата со историјата во Преспа не е завршена. Најцрната темница му се случила среде бел ден при здрави очи кои прогледуваат само во темнина.

Договорот меѓу Атина и Скопје уште е жив, иако камбаните најавуваа дека денес ќе осамне црн петок и ќе биде погребан. Ѕвездите се на небото и кога не се гледаат, а првите мугри носат виделина пред да изгрее сонцето на Исток. Ден е додека сонцето не зајде на Запад. Оваа природна и вселенска закономерност физичарот знае дека не може да ја промени никој. Законите на природата не можат да се сменат со гласање, ниту со револуции и војни. Можат да се забават историските процеси, но не можат да запрат. И кај нив има закономерност еднаква на природните закони. Тие што ги запираат историските промени ќе се најдат еден ден под нивните тркала. Ако се спротивставите со сила на природните закони следуваат трагични последици, ако ги запрете историските процеси во едно општество кога тие се стасани за промени, последиците не се помалку трагични. Државите и народите исчезнуваат токму во време кога се запираат историските процеси кои се неминовни.

Македонија вчера ги почна преговорите со НАТО по добиената покана за членство во овој најголем воен и политички сојуз на светот. Македонија и НАТО преговараат за исполнување на критериумите кои се задолжителни: владеење на правото, судските реформи, борба против корупцијата и организираниот криминал, реформи во одбранбениот сектор и во безбедносните служби и уште еден куп други значајни работи кои се темел на безбедна и демократска држава… Можно ли е да се случи истиот ден кога почнуваат и да запрат на неодредено време. Тоа е всушност попречување на историските процеси. Македонија, како кандидат за членство во Европската Унија, ги почна неформално и преговорите за влез во ЕУ со веќе најавен датум за официјално отворање на 33 поглавја кои се најзначајната работа која ќе ја работат стотици луѓе и надлежни институции во Скопје и Брисел, неколку влади и парламентарни состави во наредните осум, десет или повеќе години додека не се стокми вистинска парламентарна, безбедна и економски стабилна држава.

Запирањето и на овие процеси, уште повеќе го забрзуваат патот кон распаѓање на Македонија. Значи, ни претстои голема работа на сите кои сакаат да ја зачуваат државата и да обезбедат иднина на поколенијата што доаѓаат. Ќе има многу шанси за одмерување на силите на вистинскиот фронт со натпревар и тешки битки кој ќе даде поголем придонес за изградба на новото европско општество за кое тврдат сите дека го посакуваат.

И во оваа пригода на Христијан Мицкоски како повеќе пати досега, безуспешно, на Никола Груевски, му ги препорачувам во пресрет на празникот 23 Октомври, кога е основана историската ВМРО во 1893 година, да ги прочита сеќавањата на Иван Хаџи Николов еден од најучените основачи на ВМРО, библиотекарот и револуционер во чија куќа во Солун е создадена организацијата чие име одамна е посрамотено и извалкано поради запирање на историските промени токму од челниците на револуционерната организација. Мицкоски од ова лектира со големо задоцнување може да научи многу повеќе отколку да бдее и да гледа колку е црна ноќта пред зори.

Еве еден клучен мал дел од сеќавањата на Иван Хаџи Николов, кој јасно открива дека ВМРО е тоа што денес е во свеста на Македонците само во првите десет години од своето основање. Потоа сè е измама која прераснала во мит.

Основната мисла што Иван Хаџи Николов ни ја изнесува во уводот на своите спомени кажува сè. Пред повеќе години академик Гане Тодоровски тоа го обелодени за првпат во Македонија, но, за жал, таа историска и денес актуелна порака никогаш не ја разбраа и не ја прифатија раководствата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Еве го лајтмотивот на Иван Хаџи Николов кој треба да се истакне на влезот на палатата на ВМРО-ДПМНЕ:

„Мислата дека треба да се напише нешто за револуционерната организација ми го облева срцето со крв. Да се пишува за една организација, која за резултат го има упропастувањето на Македонија, макар што тоа не е самата организација, туку Софија, со својот цар, со своите министри и генерали, со својата државна, а не националистичка политика, ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чувствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците. И јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не нè убија со камења откако го согледаа грозниот и жален излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, ние да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново, уште потешко ропство и при такви дијаметрални противположни резултати пак да не нè обвинува, да не нè навредува, да не мрмори против нас, создавачите на револуционерната организација и водачите, туку молчаливо и со полна покорност на својата судба да си го подземе тешкиот голготски крст – тоа предизвикува во мене адмирација и велам: Македонци, вие не сте само херои, туку светци. За вас сите жртви се заслужни“.

Иван Хаџи Николов со товар на историска вина со голем комплекс на одговорност, притиснат од тешка болест си го одзел животот во Софија, но успеа да го надживее своето време.

Со која жртва челниците на денешното ВМРО-ДПМНЕ ќе го надживеат своето време ако го постигнат истиот резултат – упропастувањето на Македонија баш во моментот кога највисоката цел е на дофат на независна Македонија да биде европска демократска и успешна држава.