Почнува 71. Кански филмски фестивал: Без селфи, молам
Франција-Денес во Кан почнува престижниот меѓународен филмски фестивал кој ќе трае до 19 мај. 71. издание ќе биде отворено со филмот на Асгар Фархади, „Everybody Knows“ со филмската двојка Пенелопе Круз и Хавиер Бардем.
Во конкуренција за „Златна палма“ се филмовите: „Еverybody Knows“ на Асгахар Фархади, „At War“ на Стефан Бриз, „Dogman“, Матео Гарон, „Le Livre d’image“ на Жан-Лук Годард, „Asako I & II“ на Рјусуке Хамагучи, „Sorry Angel“ на Критофе Хоноре, „Girls of the Sun“ на Ева Хусон, „Ash is Purest White“ на Џиа Зангке, „Shoplifters“ на Хироказу Коре-еда, „Burning“ на Ли Чанг-донг „Capernaum“ на Надин Лабаки, „Blackkklansman“ на Спајк Ли, „Under the Silver Lake“ на Дејвид Роберт Мичел, „Three Faces“ на, Џафар Панахи, „Cold War“ на Павел Павликовски, „Happy as Lazzaro на Алис Рорвачер, „Yomeddine“ на А.Б. Шавки и „Summer“ на Кирил Сребреников.
„Златна палма“ лани освои шведскиот режисер Рубен Ослунд за филмот „The Square“.
Подалеку од светлото на фестивалот, илјадници обожаватели на филмски ѕвезди ќе ја преплават Кроазета, една од најпрометните шеталишта во Европа. Погледот на море, како и изложените суперјахти без сомнеж ќе добијат поголем дел од вниманието.
Со жирито годинава претседава австралиската актерка и оскаровка Кејт Бланшет.
Меѓународниот филмски фестивал во Кан најави дека на годинешниот фестивал ќе бидат забранети слики со мобилен телефон и дека ќе има специјални проекции за новинарите.
Тиери Фремо, директорот на фестивалот, објасни дека селфи-фотографиите ќе бидат забранети на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал поради тоа што го нарушуваат протоколот на доаѓањето на гостите.