Почнува второто полугодие за учениците


По три недели зимски одмор, околу 270.000 средношколци и основци, меѓу кои и 20.000 првачиња, денеска ќе се вратат на настава за второто полугодие од учебната 2017/2018 година.

За време на ученичкиот распуст, Министерството за образование и наука ги соопшти промените што ги планира во наставните планови и програми за следната генерација првоодделенци.

Работната група од МОН која работи на реформите во наставата за првите три одделенија, за првачињата предлага намалување на бројот на предмети, најмногу четири наставни часа во денот, повеќе одмор и игри, вежбање на часовите наместо домашни задачи и редуцирање на тестовите.

Претстојат јавни расправи за ревидираните наставни планови во прво одделение за да се слушнат мислењата на наставниците. Нивната примена се планира од септември, за учебната 2018/2019 година.