Почина Мати Никенен: Спортски гениј и деструктивец во приватниот живот
Еден од најголемите ски скокачи на сите времиња, легендарниот Финец, Мати Никенен, почина во 56-та година од животот. Ексцентрик и генијалец, кој одбележа една ера во спортот, ги сруши сите рекорди и стана икона, симбол, не само на овој спорт, тука на осумдесетите години. Во кариерата освои сѐ. Има четири олимписки злата и едно сребро, а пет пати беше светски првак. На игрите во Сараево 1984 година и во Калгари 1988 немаше конкуренција и веќе стана мит.
Колку беше фантастичен на залетиштето и со скиите на нозете, толку беше автодеструктивен во приватниот живот. Гениј во спортски смисол, но и ексцентрик. Уште за време на кариерата имаше проблеми со алкохолот, па предвреме стави крај – на 30 години. Неколку пати се женеше, а во неколку наврати беше и во затвор поради насилнички испади. Поради обид за убиство на свој пријател беше осуден на 26 месеци. Поради физички напад на својата тогашна сопруга во 2004 година заработи уште 16 месеци. Банкротираше и ги продаде сите свои медали и трофеи. Се обиде и како поп пеач, но обидот помина неславно. Замина осамен, отуѓен од околината. Почина од животот, односно од начинот како го живееше.