Поранешниот министер за образование ќе ја режира претставата „Велпоне“
Поранешниот министер за обрзование и наука од редовите на ДПА, Сулејман Рушити, по три години пауза од Тетовскиот театар, годинава повторно таму ќе постави претстава. Рушити кој по професија е режисер, годинава ја подготвува претставата „Волпоне“ на Бен Џонсон, а премиерата се очекува кон крајот на месецов. За оваа претстава Министерството за култура одвои речиси 20 илјади евра или 1.200.000 денари во рамките на годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година во секторот за драмска дејност.
Покрај Рушити, во Тетовскиот театар годинава претстави ќе постават и режисерите и Елхаме Куловци, Башким Рамадани, Ќендрим Ријани и Владимир Милчин. Од програмата на министерството за овој театар се издвоени вкупно 110 илјади евра или 6.800.000 денари.
Рушити вели дека откако го заврши неговиот политички живот, се врати на неговата примарна професија режирањето и во изминатите години е активен во повеќе театри.
– Последно во Тетовскиот театар режирав пред три години, а минатата година поставив претстава во Албанскиот театар во Скопје. Откако излегов од политиката се вратив на мојата матична професија. Не сум прекинал со режирањето, ова не е моја прва претстава и всушност јас никогаш не сум се откажал од театарот. По т.н. политички живот досега сум режирал неколку претстави, од кои една во Тирана, три во Тетово, една за независен театар, и една во Албанскиот театар во Скопје – вели Рушити за Независен весник.
За изборот да го работи „Волпоне“ на Бен Џонсон, Рушити вели дека таков универзален текст нема временска рамка и може да се поставува секогаш.
– Режисерот секогаш избира дело преку кое ќе комуницира со јавноста и преку кое ќе може да пренесе свои мислења кон општеството и за општеството. „Волпоне“ е безвременски текст нетипичен само за едно време, туку тоа дело живее и се развива со човештвото. Затоа, сметав дека со тој текст ќе можам да пренесам мои ставови и филозофски и естетски – вели Рушити и додава дека интензивнос се работи на тоа премиерата да се случи кон крајот на месецов, а во март почнува да подготвува друга претстава во Корча, Албанија.
Заштитата на културното наследство во фокусот на годишната програма
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека обезбедиле силна поддршка за културни проекти кои градат едно општество за сите, децентрализација на културата и еднаков пристап до неа, за сите граѓани подеднакво и дека програмата ја носат во законскиот рок – 45 дена од донесувањето на Буџетот на Република Македонија за 2018 година.
Врвен приоритет меѓу сите програми е заштитата на културното наследство. Сите загрозени фрески, икони, историски објекти, како на пример црквата во Курбиново, Скопскиот акведукт, фреската Св.15 Тивериополски маченици, се планирани или за директна конзервација или за изработка на основен проект, што е прв чекор во нивното санирање и заштита. Заштита им беше потребна и на многу објекти на културата низ целата земја, поради долгогодишно отсуство на грижа и финансии. Обезбедивме средства за санација на сите загрозени објекти на националните установи. Со посебна програма од 60 милиони денари, ќе спроведеме акција за реконструкција на покриви во над 20 објекти, рече Алаѓозовски.
За првпат се воведе и интердисциплинарна дејност
Министерството за култура отвори ново институционално поглавје со сфера која е значајна на светската културна сцена, вели Ѓорге Јовановиќ претседател на комисијата на овој нов сектор во годишната програма.
– Комисијата ги разгледа сите пријавени проекти вкупно 96 поднесени од 73 правни лица и 23 физички лица. До министерот за култура Комисијата достави предлог за прифаќање на 71 проект, односно речиси 74 отсто од апликациите, додаде Јовановиќ. Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2018 година е објавена на веб-страницата на Министерството за култура и може да се погледнат подетално сите резултати во посебни категоризации. Министерството за првпат го објаи списокот на одобрени проекти со побарани и одобрени суми, а за првпат се објавуваат и состави на комисиите. Доколку, некој од одбиените апликанти смета дека му е нанесена неправда, според Законот за култура, може да испрати жалба до Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена по добивањето на решението одбиен проект.
Кумановските актери повторно разочарани од резултатите
Незаводолни се актерите од кумановскиот театар од годинешните резултатите за драмската дејност од годишната програма на Министерството за култура. Тие велат дека за македонска драма повторно се доделени само два проекти, со вкупен буџет од 1 600 000 денари.
„Оваа смешна сума треба да се смета за покривање на целогодишниот репертоар, кога Театар Куманово слави 70 години јубилеј и се надевавме дека Вие тоа го имате предвид – дека барем годинава овој театар заслужува поинаков третман. Но, со ова се покажа дека не само што сте неупатени, туку сте и игнорантни кон ваквиот за нас, свечен настан. Многу луѓе ги паметат блескавите денови на Театар Куманово, многу луѓе уште зборуваат за периодот кога Куманово ја предводи експерименталната сцена во Македонија. Моментално, буквално експериментираме, импровизираме во условите во кои сме препуштени да работиме – со преживување на -10 C, без греење и без кров, со застарена сцена, сала, недоволни простории и само една гримиорна за сите (24) актери. Неколкупати апелиравме за проблемот со кој се соочуваме веќе неколку години – дека е многу тешко, комплицирано да се обезбедат работни задачи за сите актери со два проекти, да се организира работа на два ансамбли во една зграда пред распаѓање, третирани како драмска секција при Центар за култура. Но, вие со тоа веруваме сте добро запознаени. Реагиравме на разни емисии и прилози во вести на телевизија и на социјалните мрежи, кружеа видеа од нашиот поплавен кров, и повторно, ни денар за тоа во Вашата „Програма за инвестиции 2018““, се вели во нивната реакција.
Тие велат дека биле охрабрени од ветувањата на новиот состав при надлежното министерство, дека ќе се заложи за пофер дистрибуција на заедничките средства од центарот кон маргините.
„Се понадевавме дека, конечно, некој ќе има слух за нашите заложби. Со големо разочарување констатираме дека, со однос на нас, само се продолжи практиката на дополнително осиромашување на послабиот и зајакнување на позициите на најсилните“, велат тие.
Ивана Настеска