Поради напливот на мигранти, Трамп ја укинува помошта за Гватемала, Хондурас и Салвадор
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти денеска дека Вашингтон значително ја намалува помошта за три централноамерикански држави поради караванот мигранти кој се движи кон јужната граница на САД.
„Гватемала, Хондурас и Салвадор не беа во состојба да ја завршат работата и да ги спречат луѓето да ја напуштат својата земја и да дојдат илегално во САД”, напиша утрово Трамп на Твитер. „Сега ќе почнеме со прекинување или значително намалување на огромната странска помош што им беше рутински дадена”, најави американскиот претседател.
Тие три држави добија повеќе од 500 милиони долари од САД во фискалната 2017 година.
Реакцијата на Трамп следува бидејќи илјадници мигранти одат од Мексико кон САД, а според него, мексиканската војска и полиција не можеле да го запрат караванот.