Поп-ѕвездата Мараја Кери откри дека има нарушено здравје: Водам битка со биполарното растројство
САД-Поп-ѕвездата Мараја Кери за првпат ја откри нејзината битка со биполарното растројство за магазинот „Пипл“.
Иако првпат била дијагностицирана во 2001 година (кога била хоспитализирана за физички и ментален дефект), „не сакав да верувам“, вели славната пејачка и текстописец при разговор со главниот уредник на „Пипл“ Џес Кејгл.
„Сум поминала низ многу“ – години на професионален пресврт, реалното шоу на телевизијата Е!, како и љубовна драма.
„До неодамна живеев во негирање и изолација, како и постојан страв дека некој ќе ја открие мојата тајна“,вели таа. „Тоа беше претежок товар и едноставно не можев веќе да го носам во себе. Побарав и добив лекување, се опкружив со позитивни луѓе и се вратив на тоа што најмногу го сакам – пишувањето песни и правењето музика.“
Една од најуспешните пејачки на сите времиња, со осумнаесет бр. 1 хитови и продадени повеќе од 200 милиони примероци од нејзините албуми, Кери голем дел од нејзините успешни години ги поминала страдајќи во тишина.
Таа сега се лекува и ги зема потребните лекарства за биполарно растројство тип 2, кое вклучува периоди на депресија, како и хипоманија (поблаг тип на манија која се поврзува со биполарното растројство тип 1, но сепак може да предизвика иритации, несоници и хиперкативност).
„Сега земам лекарства што делуваат многу добро. Не прават да се чувствувам преуморна или мрзелива и сл. Наоѓањето на соодветната рамнотежа е најважното нешто“, вели Кери за „Пипл“.
„Долго време мислев дека имам сериозни проблеми со несоница“, продолжува Кери, која сега е назад во студиото и работи на албум што се планира да излезе во подоцна годинава. „Но, тоа не беше нормална несоница и не лежев будна, броејќи овци. Постојано работев и работев и работев… Лесно се иритирав и постојано стравував дека ќе ги разочарам луѓето. Излезе дека искусувам некаков тип на манија. Понекогаш го достигнував и дното. Епизодите на депресија ми беа карактеризирани со многу мала енергија. Се чувствував осамена и тажна, па дури и виновна затоа што не го правам тоа што треба да го направам за мојата кариера.“
Кери, која е мајка на 6-годишните близнаци Монро и Морокан кои ги има со нејзиниот поранешен сопруг Ник Канон, вели дека се одлучила да ја открие оваа тајна пред јавноста бидејќи „Сега поминувам низ многу добар период, кога ми е удобно да зборувам за моите битки со биполарното растројство од тип 2. Се надевам дека ќе го достигнеме нивото кога ќе се тргне стигмата од луѓето кои сами поминуваат низ било што. Тоа може многу да ве изолира. Не мора да ве дефинира, а и јас одбивам мене да ме дефинира или да ме контролира.