Поповски: Преку саморегулација до вистинско, професионално и квалитетно новинарство


Државата е тука да овозможи амбиент медиумите да функционираат ослободени од какви било влијанија. Но, квалитетот на новинарската професија зависи од самите новинари, медиумите и медиумските работници и затоа кога саморегулаторните тела ќе укажат каде има дефекти, појава на лажни вести, говор на омраза и притоа ќе се обидат да ги елиминираат таквите појави добиваат најголемо значење во јавноста.

Ова го истакна министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски на денешната конференција на тема „Предизвици на медиумската саморегулација во регионот на Балканот и Турција“ во организација на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

-Јавноста има потреба да ја врати довербата во медиумите, во политиките и во начинот на функционирање на системите. Саморегулацијата е многу значајна и ќе овозможи и јавноста и граѓаните да препознаат што е квалитетна и точна информација, а што невистина. Преку саморегулација да се дојде до вистинско и професионално и квалитетно новинарство, истакна Поповски.

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ Катерина Синадиновска посочи дека медиумите се соочуваат со празни редакции, со недоволно новинари кои не се доволно едуцирани. Додаде оти се соочуваат и со тешки финансиски предизвици, со лажни вести и формирање на безброј интернет портали кои, како што рече, никнуваат буквално преку ноќ, финансирани од различни политички или бизнис центри на моќ.

– Недостасува програма, недостасува сопствена продукција, недостасува содржина и се разбира дека недостасува истражувачко новинарство што е директно поврзано и со финансиската слабост на медиумите. Недостасува културнa и едукативнa компонента на медиумот, рече Синадиновска.

Холандскиот амбасадор Валтер Пломп вели дека не треба да се замени регулативата, туку таа треба да биде дополнение и да се заснова на јасно дефинирано законодавство.

– Саморегулацијата може да биде платформа каде медиумите доброволно ќе се заложат да го задржат овој стандард, односно кодекс на етика што тие самите го имаат составено или напишано. Во една идеална средина, саморегулацијата може да има корисна улога во подобрување на квалитетот на медиумите, новинарството, но секако и во однос на политичката дебата. Саморегулативата не може да биде брзо решение, но се надеваме дека ќе биде многу корисно кога ќе се осврнеме на говорот на омраза и справувањето со лажните вести, рече Пломп.

Додаде дека последниот извештај на ЕУ вели дека во нашата држава особено е забележана политичка поларизација, кога станува збор за онлајн медиумите, каде, како што рече, се забележуваат најмногу од говорите на омраза и прекршување на кодексот на етика во новинарството.