Погрешна временска прогноза


Ерол Ризаов

Политичките метеоролози алармираат: од утре настапува нагло заладување, доаѓа поларна зима која ќе го уништи живиот свет во Македонија. Ќе замрзне сè живо и диво. Диносаурусите и сите ендемски видови, кои се автентични на овој простор од постанокот на светот, ќе замрзнат и ќе се претворат во фосили кои дури по милион години, откако ќе заврши ледената доба, ќе покажат дека не се скамениле од промена на времето, туку сами влегнале во фрижидерот за длабоко замрзнување на историјата, излажани од локални племенски водачи кои дале погрешна временска прогноза сметајќи дека додавката Северна на името на државата значи и крај на светот, вечен мраз. При оживувањето на метузалемите ќе се разбере дека Северна Македонија не значело и промена на климата со поларни температури на територијата од Табановце до Гевгелија. Не било тоа глобално замрзнување туку затоплување.

Од денеска сме и официјално Република Северна Македонија. Годишните времиња ќе продолжат да се менуваат според календарот, како што ќе се менуваат и натаму денот и ноќта, а ние сите ќе останеме она што бевме. Сонцето пак ќе изгрева на исток и ќе заоѓа на запад. На исто место ќе биде југ, а карши него север. Ќе зборуваме на истиот јазик како и досега, ќе легнуваме и ќе се будиме со истите проблеми и гајлиња како и досега. И овој пат, како и при секоја голема промена, која се најавува и со промена на името на државата, надежите и очекувањата ќе бидат големи. Првото име на нашата татковина кое означуваше државност беше Федерална Република Македонија. Постојат илјадници историски документи и сè уште живи сведоци за тоа што значело формирањето на правата македонска држава која стапила во сојуз со Југославија. Првиот парламент, озаглавен како Антифашистичко собрание, АСНОМ , е најголемиот историски чин, најголемата и единствена победа во историјата на македонскиот народ. По четиригодишна борба во која учествувале и гинеле сите конститутивни народи на првата држава, слободата е платена со 25.000 жртви и со разорувања. По Илинден 1944 година, почнува изградбата на современа држава во состав на Југославија. Тој ентузијазам, елан и саможртва предизвикуваат тектонски револуционерни промени и напредок кој до седумдесеттите и осумдесеттите години од минатиот век е рамен на светско чудо и во кој Македонија прерипува векови. Тоа е време кога почнуваат и првите сигнали за осамостојување на југословенските, републики – држави. Тие процеси почнуваат со внимателни политички и уставни промени кои ја зголемуваат самостојноста и независноста на републиките, кои стануваат федерални држави поблиску до конфедерација, отколку до унитарна режимска држава и управување.
Втората и третата додавка на името Македонија, прво Народна Република Македонија, а потоа и Социјалистичка Република Македонија, не се ни малку случајни ниту, пак, наметнати сами за себе, без содржина. Тоа се историски процеси и големи политички, економски и уставни промени во југословенското општество. Со менување на идеолошките додавки на името на Југославија се менуваа и додавките на имињата на републиките и покраините. Сите тогашни југословенски „држави“ имаа своја територија и граници, свои парламенти, свои влади, премиери и претседатели, свои национални институции, свои устави, свој јазик и писмо, своја култура и сè друго што треба да има една држава.
Откако се потроши историскиот модел на општествено-политичкиот и економскиот поредок на Југославија и се запреа демократските процеси, се укинаа стекнатите демократски права, со хегемонија на едните над другите, со разгорување на национализмот и популизмот се урнаа постојните граници со крвави војни за големи држави. Национализмот и шовинизмот беа посилни од мотивите да се стане демократска европска држава која ќе ги користи тогашните богати европски фондови да фати чекот со Западна Европа.

Од распадот на Југославија, само Македонија излезе по мирен пат без војна со потпишан договор меѓу југословенската армија и претседателот на државата Киро Глигоров. Независноста на земјата без ниту еден испукан куршум го означи и името Република Македонија без идеолошки и географски додавки. Почна новата ера на самостојна и независна држава со силна определба за влез во европското семејство и членство во ЕУ и во НАТО. Без тие сојузи Македонија не успеа да обезбеди во изминатите 28 години побрз развој и посакуван раст на стандардот на граѓаните и повисок квалитет на живеење. Македонските политички, деловни и интелектуални елити не ги забрзаа историските процеси и не успеаја да ги остварат најзначајните историски приоритети кои гарантираат подобар живот и подобри шанси за своите граѓани во рамноправен натпревар со граѓаните на земјите членки на ЕУ.
Таква можност и историска шанса Македонија успеа да оствари за првпат пред неполни две години уривајќи го режимот на заробената држава и прифаќајќи го Преспанскиот договор со Грција. Новата европска ера на Македонија почнува од денес со името Република Северна Македонија. Да, додавката Северна е наметната и прифатена како предуслов за разграничување на областа Македонија која припаѓа на четири држави. Сите досегашни имиња на државата Македонија беа на некој начин наметнати и прифатени како дел од поширока стратегија. И името Федерална, и името Народна и името Социјалистичка Република Македонија беа уставни Категории, како и за сите југословенски републики и покраини. Првото име без додавки е Република Македонија прифатено со осамостојувањето на државата и со првиот Устав на независна Република Македонија. Она што е најточно во историјата на името на државата е што во сите досегашни промени, Федерална, Народна, Социјалистичка, Северна, вклучувајќи го и привременото име во ОН, поранешна југословенска Република Македонија, единствената константа која е непроменлива се зборовите Република Македонија. Била Федерална, била Народна, била Социјалистичка , била Северна таа секогаш останува Република Македонија.Македонците остануваат Македонци при сите промени, јазикот останува македонски. Затоа и натаму ќе заспиваме и ќе се будиме, ќе умираме и ќе се раѓаме како тоа што сме и како што се чувствуваме. Сонцето ќе изгрева и ќе заоѓа над ова парче земја, како и да се вика. Ако прифаќањето на европските вредности означуваат подобар живот, тогаш новата идеологија на граѓаните на Република Северна Македонија, Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, Египќани нека ја означи припадноста на Европа. Додавката Северна ја означува точната страна на светот каде што се наоѓа Eвропа. Баш е добар потсетник на каде треба да одиме.