Погледнете го својот дом, ангели


Звонко Давидовиќ

Света земја натопена со крв и пот, облеана со солзи и вековна желба да се биде свој на своето. Македонија, земја на светци и ангели, земја на митови и легенди, преданија и верувања, цркви и манастири, џамии и анови. По ова парче земја чекореле луѓе што го задолжиле човештвото со своите дела, својот ум и бескрајната големина на душа. Македонија, лулка на писменоста, дом на светите Кирил и Методиј, свети Наум, блажената мајка Тереза и уште многу светци и ангели. Нивните коски почиваат на разни места, ги чествуваат многу народи и нации, но верувам дека нивните души тука почиваат на ова парче небо што ја покрива нашата земја Македонија.

Македонија, балканскиот Ерусалим, секоја педа на ова парче земја е натопена со крв и пот, солзи и молитви за иднината на сите што живееле, живеат и ќе живеат тука како свои на своето. Првите идеи за заедништво помеѓу разни народи и нивните култури и традиции се јавиле тука како идеја која е напредна и за тогашната Европа. Никола Карев, Даме Груев, Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански и многу други знајни и незнајни јунаци во име на слободата, во име на Македонија и сите луѓе што живееле тука ги положиле своите животи, несебично, херојски. И нивните коски лежат на разни места и ги слават многу народи и нации, но верувам дека нивните души тука почиваат на ова парче небо што ја покрива земјата нашата Македонија.

Македонија, една од ретките земји кои можат со крената глава гордо да кажат дека ја бранеле слободата и се спротивставиле на фашизмот кој тогаш царувал во сите околни балкански земји. Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Орце Николов, Христијан Тодоровски Карпош, Кузман Јосифовски-Питу, Цветан Димов, Вера Јоциќ, Манчу Матак се само дел од хероите кои не прашувале што Македонија може да направи за нив, туку го дале она највредното што го имале без збор и прашање. Верувам дека душите и на овие македонски херои и ангели почиваат тука на ова парче небо.

Ниту еден од овие луѓе кои се неспорно херои и ангели во исто време никогаш не побарал нешто за себе, никогаш не калкулирал и не се пазарел со какви било лични интереси или добивки, никогаш не се запрашал што Македонија може да направи за него, туку се запрашал што тој може да направи за својата земја во тој миг. И го направил без многу помпа и фалење, без какви било барања и услови, го направил за себе, за своите деца, своите комшии, својот народ и го дал највредното нешто што го има – животот.

Погледнете го денес својот дом, ангели, погледнете го она за што се боревте, жртвувавте и сонувавте. Погледнете и ќе видите беда и сиромаштија не само во материјална, туку и во духовна смисла. Користољубие и лага, себичност и тага, духовна опустошеност и морална разнебитеност царуваат. Желбата за моќ и власт, среброљупството и неморалноста, неспособноста и себичноста станаа нормални во сета своја ненормалност.

Проклетство ли е или судбина, премалку љубов или бескрајна себичност, но никој не се откажува од своите лични или партиски интереси заради народот и просперитетот на државата. Желбата за власт е поголема од сѐ друго и ги храни душите на оние што за неа сонуваат. Парите и моќта станаа движечка сила,  мотив   и цел на постоење.

Денес на ова парче земја никој не се прашува што може и што треба да направи за својата земја, туку се прашува што неговата земја може да направи за него и чека лежејќи со далечинското во рака тоа да се случи. Никој и не помислува на својата земја и на луѓето што живеат тука, туку себично и кусогледо во видното поле му се само неговите лични интереси и добивки. Секој што успеал да седне во фотелја и да се докопа до државните пари многу брзо почнал да го полни својот џеб заборавајќи од каде дошол и уште побитно како и во име на што дошол до позицијата на која се наоѓа. Денес во оваа земја ненормалното и срамното станаа нормално и доблесно, сѐ она од што некогаш се срамевме сега многумина се гордеат. Ова стана земја на криминал и криминалци, мрзлива младина која спие до пладне затоа што онаа вредната е во странство, земја на изопачени вредности и ставови.

Денес во оваа земја човечкиот живот вреди многу малку или ништо и служи единствено за политички притисок, пазар или поени. Деца се газат со коли намерно или не, но секако служат за политичко надмудрување и препукување наместо за нормално судско пресудување. На ова парче земја им се помага на сиромашните само ако некоја телевизија направи репортажа за нив и тогаш помошта стигнува од други луѓе кои имаат сѐ уште душа, а не од институциите што постојат токму поради тоа.

Македонија стана земја на монтирани судски предмети, јавнати и полтронски судии, обвинители без став и глас. Разнебитеното судство неминовно раѓа корумпирани институции и заробена држава, а тогаш во општеството царуваат хаосот, криминалот и изопаченоста. Човечките права и слободи се само театарски декор кој се става на бина по потреба и желба, секој е сигурен во целокупната несигурност само ако има партиска книшка или чичко владика. Ваквото општество и неморалните норми слават медиокритети, слабаци, криминалци и морални накази. Колку што си поголема морална наказа без скрупули, толку повисоко ќе се вивнеш во хаосот што ние го нарекуваме демократија.

Погледнете го својот дом, ангели и ќе видите земја во која и верскиот клер се исполитизира и корумпира, земја во која дури и молитвата чини пари. Од Божјите храмови веќе не се слуша молитва, туку политичко навивање. Погледнете и ќе видите земја без ред и надеж, земја во која дедовците ја земаат правдата во свои раце затоа што ја нема во судските храмови за нивните внуки. Денес на ова парче земја вистината ја создаваат медиуми без слобода и по нарачка на политиката, а секој збор спротивен на купената и платена „вистина“ се смета за предавство. Станавме земја на реформи без реформи, земја на стотици судови без правда и дупли обвинителства без ефект и резултат.

Злото и хаосот настануваат како што настанува и темницата кога ќе ги затвориш очите, рекол свети Филарет Московски. Оној што го создал окото не е виновен што ти мижиш и живееш во темница. Изборот е твој дали ќе ги држиш очите отворени и ќе бидеш слободен и човек или ќе луташ по земјата како животно, или ќе вегетираш како растение.