Повторно поскапуваат нафтените деривати


Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за поскапување на нафтените деривати за еден денар. Според Одлуката, новата цена на Еуросупер БС-95 ќе се продава по цена од 73,50 денари , а цената на супер 98  ќе чини 75 денари. Додека еден литар ЕУРОДИЗЕЛ ќе чини  67 денари.

Пред три дена  Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) најави дека до јули 2019 година ќе ја применува методологијата за одредување на малопродажната цена на нафтените деривати која е составен дел од купо-продажниот договор со ОКТА, а потоа согласно Законот за енергетика е предвидено Комисијата да донесе нова методологија, потврди претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

– При носењето на новата методологија ќе направиме повеќе состаноци со сите заинтересирани страни, а особено со активните трговци со нафта и нафтени деривати во земјава со цел да изготвиме методологија што ќе биде во интерес на граѓаните, изјави Бислимовски.

Тој прецизира дека во сегашната методологија е предвидена маржа  за трговците од 3,2 денари за продаден литар која е определена уште во 1995 година.

– Тоа ќе го земеме во предвид и ќе пристапиме кон нова методологија. Постои и законска можност да направиме и целосна либерализација на пазарот со нафта и нафтени деривати, но ќе треба да внимаваме имајќи ги во предвид искуствата во соседните земји, потенцира Бислимовски и додаде дека цените на нафтените деривати во сите соседни земји се повисоки.