Победа


ЛЕЈЛА САБИТ

Слатка, горчлива, мала, голема, чесна, сомнителна, заслужена, подарена, на среќа, судбина, наместена, очекувана, неочекувана, ви измамува насмевка, ве тера на солзи, ве прави горди, срцето силно ви чука, животот одеднаш е убав.

Сите сакаат победа, никој не сака пораз, сите се дружат со победници, а сите бегаат од поразени и лузери.

Сите велат дека важно е да се учествува, а не да се победи, ама сите ве лажат и се лажат, се тешат и ве тешат, зашто историјата сака да памти само победници, јунаци и херои, а сака да избрише предавници и злосторници.

Победа – колку убаво звучи, каде и да сте, со кого и да сте, сами или во толпа, славни или непознати, богати или сиромашни, на Запад, Исток или на Балкан.

Големината е да бидеш скромен ако победиш, и нескромен ако изгубиш, да признаеш пред себе и пред сите, да ги сочуваш образот и угледот, пред моќта, функциите или парите, зашто овде и секаде низ светот, еднаш си горе, другпат си долу, еднаш си крал, а другпат просјак, во еден момент имаш сè, а во друг момент губиш сè.

Нè учат да одиме на победа, на сè или ништо, ама животот не го прават крајности туку успеваат само мудрите, трпеливите, компромисните, кои ја прифаќаат изреката подобро врапче во рака, отколку гулаб на гранка.

Ретки се тие што можат да се пофалат со континуирана слава, моќ или победа, ама што е тука е, треба да се издржат сеирот, зависта и озборувањата, да се сочува мирот во душата и да се продолжи понатаму во животот.

Тамара е наша, нејзината победа е и наша, па макар и на Евросонг кој е забава, нели, ама ние го сфаќаме сериозно, како уште една победа на Македонија.

Успех по успех, победа по победа, а што ако победиме на изборот за песна на Евровизија?

Затоа уживајте и навивајте, утре е нов ден, можеби не чека уште една победа.

Ја сум горда, а вие?