Победа


ЛЕЈЛА САБИТ

Мала, голема, слатка, горчлива, чесна, сомнителна, заслужена, подарена, на среќа, судбина, наместена, очекувана, неочекувана, ви измамува насмевка, ве тера на солзи, ве прави горди, срцето силно ви чука, животот одеднаш е убав.

Сите сакаат победа, никој не сака пораз, сите се дружат со победници, а сите бегаат од поразени и лузери.

Сите велат дека важно е да се учествува, а не да се победи, ама сите ве лажат и се лажат , се тешат и ве тешат, зашто историјата сака да памти само победници, јунаци и херои, а сака да избрише предавници и злосторници.

Победа-колку убаво звучи, каде и да сте, со кого и да сте, сами или во толпа, славни или непознати, богати или сиромашни, на Запад, Исток  или на Балканот.

Големината е да бидеш скромен ако победиш, и нескромен ако изгубиш, да признаеш пред себе и пред сите, да го сочуваш образот и угледот, пред моќта, функциите или парите, зашто овде и секаде низ светот, еднаш си горе, друг пат си долу, еднаш си крал, а друг пат просјак, во еден момент имаш сѐ, а во друг момент губиш сѐ.

Не учат да одиме на победа, на сѐ или ништо, ама животот не го прават крајности, туку успеваат само мудрите, трпеливите, компромисните, кои ја прифаќаат изреката подобро врапче во рака, отколку гулаб на гранка.

Ретки се тие што можат да се пофалат со континуирана слава, моќ или победа, ама што е, тука е, треба да се издржи сеирот, зависта и озборувањата, да се сочува мирот во душата и да се продолжи понатаму во животот.

Ни буди спомени кога секое спортско или финале на Евросонг го сметавме и за наша победа, и сериозно, како уште една победа на Македонија.

Ама сега ја учиме најтешката животна лекција- како да ја победиме короната, како да научиме да живееме дисциплинирано, да почитуваме мерки и луѓе поразлични од нас, на дистанца, без гушкање, без групирање, како да преoвладее разумот и како заедница да си помагаме, а не да плукаме, обвинуваме и омаловажуваме за политички поени.

Секоја победа во семејство со корона е и наша победа, и победа на државата. Кој не го сфаќа тој успех, е лузер.

Затоа оваа година навивајте, утре е нов ден, можеби не чека уште една победа. Животна, професионална, спортска или на Евросонг, кој знае?

Ја сум горда, а вие?