Пет компании ќе користат пари од повикот „О2 Предизвик“ за намалување на загадувањето на воздухот
Компаниите „Еко солар“ од Штип, „Бизифај“ од Битола, „Технолоџи парк“ од Тетово, „Технобен нова“ од Прилеп, и „Венито комерц“ од Кавадарци ќе користат пари од повикот „О2 предизвик“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), со кој се финансираат технолошки решенија за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини во Македонија.
– Бидејќи побараните средства од страна на селектираните фирми го надминуваат за 50 проценти вкупниот буџет предвиден од Фондот за овој повик, во тек се поединечни преговори со претставници на компаниите, а со цел прецизно утврдување на учеството на Фондот во финансирањето. Разликата од планираните и средствата што ќе се доделат ќе се покрие со дополнителни средства од Фондот, информираше денеска ФИТР.
„Еко Солар“ е наградена за нејзиното технолошко решение за изработка на соларен воздушен колектор со ротирачки келии кој го загрева воздухот со помош на сончева енергија и помага за догревање на просториите. Колекторот би служел како дополнување на постоечкиот ситем за греење. За ова решение тие побараа 1.722.753 денари.
„Бизифај“, пак, ќе изработува течност од веќе постоечки полимери која има способност да ги апсорбира штетните ПМ 2,5 и ПМ 10 честитчки. Оваа течност ќе се користи за прскање на градежни површини и патишта. Буџетот за развој на овој производ е 1.890.000 денари.
„Технолоџи парк“ е добитник на средства за изработка на бизнис модел за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови, за што од Фондот побара 1.492.804 денари.
„Технобен Нова“ ќе биде субвенционирана за изработка на плочест топлиноразменувач со вграден Вентури апарат како интегрирана целина за прочистување на гасовите што се испуштаат од одредени индустриски објекти. За да го произведе тој уред, оваа фирма има потреба од 1.929.150 денари.
„Венито Комерц“ ќе биде поддржана за да развие електричен велосипед кој ќе биде приспособен за користење во градски средини, со вградени филтри за прочистување на воздухот, а истовремено фирмата ќе работи и на развивање на посебни станици за полнење на батериите во велосипедот. За да го развие овој проект, компанијата побара 1.683.430 денари.
Избраните пет компании се дел од десетте што ја поминаа фазата на предселекција на јавниот повик „О2 предизвик“, а кои вчера во јавно ги претставија нивните проекти пред стручна комисија. Презентираните проекти се однесуваа на трите области дефинирани во повикот како, користење на енергија за греење, транспорт и мобилност и градежништво и урбани алтернативи.
Јавниот повик, што беше распишан на крајот на октомври 2017 година и траеше 25 дена, беше спроведен од страна на ФИТР, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, како и претставници на невладиниот сектор во областа и Град Скопје.