Петар Арсовски и Љупчо Константинов: Наградите се доказ дека не сме заборавени


Годинашните лауреати, добитници на наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ се актерот Петре Арсовски и композиторот Љупчо Константинов. Тие нагласија дека со овие признанија се докажува дека не се заборавени, а нивната професија не престанува со пензионерањето.

Наградите им беа врачени на отворањето на фестивалот на 8 јуни во Домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.

– Наградата секогаш е поттик. Јас се уште ќе работам предано на она што досега го правев – сценска музија и музика за театар, филм, за серија. Секогаш е најбитно да ја почувствувам темата за која ја создавам музиката. Сето другото доаѓа од душа и со љубов, рече Константинов.

Арсовски икстакна дека оваа награда е доказ дека колегите не го заборавиле и дека се уште е жив како на сцената, така и во нивните сеќавања и кај публиката.

На младите им порачува да се занимаваат што повеќе со театар во која било форма, аматерски или професионален.

Фестивалот, официјално за отворен го прогласи заменик-минисерот за култура, Владимир Лазовски.

– Го прогласувам за отворен 53 Македонски театарски фестивал. Уживајте во театарските денови, рече Лазовски.

Според уметничкиот директор и селектор на Фестивалот Катарина Коцевска, Фестивалот ќе и понуди на публиката осумдневна сценска и театарска магија.

– Театарската магија ќе живее наредните осум фестивалски дена. Ќе уживаме заедно со публикаат која веќе најавува дека ќе имаме полни сали. Тоа ме одушевува, изјави Коцевска.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски Прилеп живее за театарот и за Фестивалот и тој е дел од него. Најави дека прилепските актери ќе добијат нова театарска куќа.

-Како градоначалник на градот којшто 53 години е домаќин на најреномираната театарска манифестација во државата, чувствувам одговорност кон фестивалот, кон актерите на матичната театарска куќа „Војдан Чернодрински“, но и кон сите годинешни и идни генерации уметници, кои со својата посветеност го плетат уметничкото театарско платно на Македонија. Затоа сакам да најавам и од оваа уметничка сцена, Прилеп и Министерството за култура остваруваат интензивна соработка, со цел градот да добие нов и репрезентативен театар, кој ќе ги исполнува сите современи стандарди за работа и современа техничка логистика на актерите, сценаристите, режисерите, на сите уметници кои се дел, од, без поговор, единствената професија, која твори со најнепосреден фитбек, рече Јованоски.

Тој им оддаде почит на двајца прилепчани, доајени на македонскиот театар – Илија Милчин и Кирил Ристоски. Годинава се навршуваат 100 години од раѓањето на Милчин и 70 години од раѓањето на Кирил Ристоски.

Како прва од 12-те претстави во конкуренцијата за награди, публиката ја виде претставата на МНТ „Ничија земја“ од Денис Тановиќ во режија на Александар Морфов.

На полноќ беше прикажана и првата претстава во придружната фестивалска програма. На сцената од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ беше прикажана испитната претстава на студентите по актерска игра од трета година во класата на професорот Мими Таневска Србиновска, претставата „Ревизор“ од Гогољ.

На вториот фестивалски ден се одржа трибина со наслов „Театарската критика денес“ под модераторство на професор д-р Ана Стојаноска.

Се одиграа две претстави во конкуренцијата за награди и тоа претставата „Доктор Фауст“ од Кристофер Марлоу во режија на Андраш Урбан од Битолскиот народен театар и прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со претставата „Клетници“ од Виктор Иго во режија на Мартин Кочовски.

Денеска ќе настапи Театарот за деца и младинци од Скопје со претставата „Еднаш свет изградив“ по мотиви од романот „Сидарта“ на Херман Хесе во режија на Јане Спасиќ и Струмичкиот театар кој ќе ја изведе претставата „Царот Владислав“ од Борис Јанков во режија на Бранко Ставрев. Во придружната програма на полноќ ќе се одигра испитна претстава по актерско мајсторство од ЕСРА по менторство на проф. Мето Јовановски и асистент Магдалена Ризова – Черних.

фото: општина Прилеп