Пентагон: Сириското хемиско оружје е уништено во најголем дел
Пентагон соопшти дека со ракетните напади врз Сирија бил уништен најголем дел од сириските капацитети за производство и употреба на хемиско оружје.
– Иако делови од сириската инфраструктура за хемиско оружје се уште постојат, мислиме дека им нанесовме сериозен удар, изјави генерал Кенет Мекензи, кој денеска одржа брифинг во Пентагон за ракетните напади што САД ги извршија заедно со Британија и Франција.
Според американската армија, нападите биле прецизни и сите планирани цели биле погодени. Сепак, Мекензи оцени дека е можно сириската армија се уште да има капацитети за користење на хемиско оружје.
– Нема да речам дека во иднина веќе нема да вршат хемиски напади. Но, сметам дека ќе размислат долго и сериозно пред повторно да го сторат тоа, изјави генералот.
САД, Британија и Франција истрелаа стотина проектили врз цели во Дамаск и Хомс. Сириската армија одговори дека најголем дел од ракетите биле пресретнати, и дека тие не предизвикале жртви, освен неколкумина повредени.
Ова е втор ракетен напад на САД врз Сирија извршен како одговор на употребата на хемиско оружје.