Пензионерите добија седум години поштеда за регистрација во УЈП


За пензионерите кои не остваруваат друг приход освен пензија за седум години е одложена обврската да се пријавуваат во електронскиот систем за даноци во УЈП, информираше директорката на УЈП Сања Лукаревска.

– Со новиот Закон за личен доход се предвидува во наредните седум години да се одложи обврската за доставување на годишна даночна пријава од страна на УЈП до граѓаните кои оствариле доход само од пензија исплатена од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи дека во даночните периоди од 2018. до 2024 година пензионерите кои не оствариле друг приход освен пензија се ослободени од било каква обвска кон Управата за јавни приходи со годишната даночна пријава, односно немаат никаква обврска за регистрација во системот, рече Лукаревска.

До крајот на октомври во електронскиот систем e-personalen danok биле евидентирани 36 илјади граѓани, а до денеска вкупно се пријавени 300 илјади корисници. УЈП очекува до крајот на годинава без поголеми проблеми да се заврши обврската, иако вкупно треба да се регистрираат околу 900 илјади даночни обврзници.

За таа намена УЈП отворила мобилни даночни шалтери по општините, дури и во најистурените места, а мобилни екипи на Управата ги посетуваат домовите на изнемоштените лица кои не се во состојба сами да се регистрираат и да го однесат документот. Во Скопје за регистрација се достапни сите шалтери во Регионалната дирекција кои работат и после 16:30 часот, како и во сабота, има и даночни канцеларии во Аеродром, Гази Баба, Чаир и Ѓорче Петров, а се очекува да се отворат и во другите скопски општини.

-Наши тимови се веќе на терен и вршат регистрација во државните и јавните институции, како и во компаниите со поголем број вработени, рече Лукаревска.

Граѓаните кои имаат потреба да дојде кај нив мобилна екипа може да се јават на контакт телефоните на Управата за регистрацијата и да се изврши во нивните домови.

За оние, пак, кои при регистрацијата го загубиле ливчето што треба да го однесат во УЈП неопходно е да одат на шалтерите на УЈП и таму да им се испечати пријавата.

Граѓаните мора да го однесат барањето за пријавување лично или преку полномошник во Управата, заради заштита на нивните податоци, но се прави само еднаш.

Во Македонија, согласно податоците од изминатите години, има околу 45 илјади пензионери кои остваруваат дополнителни приходи освен пензијата.