Пајтонот остана со еден коњ


Неколку дена низ Градски парк и низ центар пајтонот вози само со еден коњ. Другиот нигде го нема. Од Град Скопје немаат информација што се случува со другиот липицанер, а ништо повеќе не знаат ни од „ЛУНА“ дооел, кои се директно надлежни за реализација на проектот „Пајтон“.

„Можеби се разболел. Можеби е поштеден од турите. Што и да ви кажеме ќе биде само шпекулација. Во моментов немаме точна информација која е причината зошто кочијата ја влече само еден коњ“, ни одговорија надлежните.

Последен пат пајтонот и тоа само со еден коњ е забележан на градскиот плоштад вчера. Редовно ја извршувал утврдената маршута за возење. Очевидци тврдат дека речиси една недела само едниот липицанер ја влече кочијата.

Во меѓувреме, од Град Скопје потврдуваат дека наскоро ќе започне постапката за продажба на кочијата и коњите. Управниот одбор на „ЛУНА“ дооел треба да донесе соодветна одлука, па таа да се проследи и усвои на Совет на Град Скопје. Неопходно ќе биде да се направи проценка на коњите и пајтонот, да се утврди минималната почетна цена за продажба која најверојатно ќе се изврши преку јавна лицитација.

Градоначалникот Петре Шилегов пред нецел месец информираше дека ќе се откаже од проектот бидејќи слаб бил интересот на граѓаните наспроти големите трошоци за негово одржување.

„Луксузот т.н. кочија чинел 100.000 евра, а речиси немало никаков интерес од граѓаните. Ние не предвидовме ниту денар за продолжување на проектот, односно го прекинуваме“, изјави Шилегов.

Според статистиката на Град Скопје, од почетокот на проектот до крајот на изминатата година, за пајтонот биле направени трошоци во висина од речиси 11 милиони денари, а приход од него имало незначителни 1,2 милиони денари.

Пајтонот низ Скопје почна да вози во 2013 година. Откако беше набавен, Град Скопје секоја година издвојуваше по 40.000 евра од буџетот за негово одржување.

За оваа атракција беа потрошени 14.000 евра, а дополнителни 18.000 евра се потрошија за набавка на двата липицанера кои беа купени од една приватна одгледувачница од Солун. Кога стасаа во Скопје, коњите беа стари седум години, кастрирани и повеќегодишни балкански прваци во својата раса. (Д.Т.Д.)

Фото: Б.Грданоски