Патните трошоци на пратениците меѓу најбараните информации од јавен карактер


Патните трошоци на пратениците, нивните плати и надоместоци, јавните набавки, деловнички работи, извештаи од комисии и од работата на Парламентот, се најбараните информации од јавен карактер во Собранието на Република Македонија. Најчесто, тие информации ги бараат новинари, невладини и граѓански организации.

Барањата за трошоците и платите и надоместоците понекогаш се однесуваат за сите 120 пратеници, но имало и барања поединечно само за одредени пратеници, како за сегашниот така и за минатиот парламентарен состав. Никогаш немало барања само за една политичка група.

Од почетокот на годинава до Собранието има поднесено педесетина барања за информации од јавен карактер, но најмногу вакви барања  биле поднесени во 2017 година, вкупно 683. Најголем број од нив се од граѓанската асоцијација МОСТ околу 500, која работи на проектот „Мобилен парламент“. Останатите се од други НВО и новинари. Во 2016 биле поднесени 110 барања, додека во 2015 нивниот број изнесувал 123.

Од собраниските служби информираат дека од 2006 односно 2007-2008 година наваму од кога се одговара на ваквите барања, на прсти можат да се набројат барањата за информации од јавен карактер што со решение биле одбиени. Иако малку на број, причините за тоа не ги наведуваат. Информациите се издаваат во законскиот рок од 30 дена. Граѓаните или заинтересираните барањето за пристап до информации од јавен карактер до Собранието го доставуваат или екектронски или писмено до нивната архивата, а бараните информации ги добиваат во законскиот рок, во зависност од тоа како сака да го добие, тврдат од Собранието. Можно е доколку станува збор за пообемни информации тоа да биде и на ЦД.