Партијата на Бачев бара Македонија да не влегува во НАТО


Единствена Македонија во Собранието поднесе Иницијатива за донесување на Одлука за повлекување на Одлуката за членство на Македонија во НАТО што ја донесе Собранието на 23 декември 1993 година.

Меѓутоа, според реакцијата на оваа партија, Талат Џафери со допис ги вратил материјалите со образложение дека политички партии не можат да поднесуваат иницијативи. Според оваа партија, секој во државата (граѓани, група на граѓани, институциии, здруженија…) може да поднесе иницијатива „за се и сешто“ до било кој државен орган, а сосема друго е прашањето дали односната иницијатива ќе биде прифатена.

„Се разбира, правната неписменост на Талат Џафери е негова лична работа, меѓутоа, за Единствена Македонија таквата неписменост е крајно вознемирувачка и опасна бидејќи го попречува македонскиот народ во намерата да не дозволи влегување на Македонија во НАТО.

Единствена Македонија му порачува на македонскиот народ да биде спокоен, бидејќи, заедно со народот ќе спречиме влез на Македонија во НАТО и ќе ја оствариме јасно изразената намера на македонскиот народ за стратешко партнерство со Русија, со што се обезбедува опстанокот и просперитетот на Република Македонија“ се вели во соопштението на Единствена Македонија.