Предвремени избори за нови реформи


Александар Николоски

Минатиот петок, 11 јануари, ќе остане запаметен како еден од најцрните денови во историјата на македонскиот народ и држава. На тој ден 81 пратеник во Собранието на Република Македонија, луѓе избрани од народот токму него да го претставуваат, без согласност на истиот тој народ кој ги избирал, гласаа да се смени името на државата и да се обезличи македонскиот национален идентитет. Срам и понижување, какви што светската историја не памети! Тој ден долго ќе биде меѓник до кој и од кој ќе се бројат и мерат настани битни за битисувањето на македонскиот народ.

Најмногу затоа што пратениците ја изиграа волјата на граѓаните. Прво, никој од тие 81 пратеник, без разлика од која партија е или од која националност, не вети на претходните избори дека ќе гласа за промена на Уставот со цел промена на уставното име; и второ, затоа што референдумот организиран по ова прашање пропадна бидејќи тивкото мнозинство граѓани решија со останување дома да кажат „не“ на промената на името на Македонија. Со одењето спротивно на програмските заложби со кои пратениците се избрани, како и спротивно на волјата на граѓаните искажана на референдум, овој состав на Собранието на Република Македонија целосно ги изгуби и својот кредибилитет и својот легитимитет! Тоа повеќе не е претставник на граѓаните на Македонија, а најмалку на македонскиот народ!

Ова е основната причина зашто ВМРО-ДПМНЕ веднаш по оваа срамна одлука на 81 пратеник побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори. Едноставно е – народот треба да добие шанса овој пат гласно да каже што мисли за промената на името на државата, тивкото мнозинство од минатогодишниот референдум да стане гласно мнозинство кое јасно ќе каже „не“ на промената на името со промената на власта на Заев, Димитров, Шекеринска, Анѓушев и останатите. Само едно такво изјаснување ќе може да даде вистински легитимитет каде и како треба да се движи државата.

Дополнително на ова се надоврзуваат и другите прашања не помалку битни за животот на граѓаните – економијата или стагнира или оди надолу, нови инвестиции нема, нови работни места не се отвораат, пензиите не растат, платите или не се зголемуваат или тоа се прави минимално, па не можат да ја следат ни инфлацијата, корупцијата е историски највисока, а Македонија со Заев е на 107. место по индексот за перцепција за корупција на „Транспаренси интернешенел“, криминалот цвета како никогаш, убиства што не се разјаснуваат, шверц и дрога по улиците како никогаш претходно, целосен колапс на здравството и образованието, се само дел од останатите причини зашто оваа власт треба да си замине што поскоро.

На ова сакам да додадам уште нешто. Власта на Заев вешто ја манипулира јавноста со поддршката на меѓународната заедница и тоа го прави на начин што создава слика дека меѓународната заедница ќе аминува сè, ќе прифати сè, па така вешто протнуваат приказна дека претседателските избори се однапред добиени за СДСМ на начин што ќе им биде дозволено да манипулираат и уценуваат гласачи, да вршат поткуп и да полнат кутии. Заев и СДСМ многу добро знаат и се свесни дека меѓународната заедница никогаш и по ниедна цена нема ова да им го дозволи не само на СДСМ или само во Македонија, туку на која било партија или држава која е или сака да биде дел од модерната западна цивилизација на демократии.

Но, во исто време, манипулираат со овие приказни, ги пуштаат помеѓу населението со две цели – првата голем број луѓе да се демотивираат и да не излезат да гласаат затоа што ќе мислат дека однапред е сè договорено; и второ, затоа што навистина во одредени средини ќе го прават тоа, очекувајќи граѓаните да не ги пријавуваат изборните нерегуларности, а институциите да не реагираат. Ние сме свесни и знаеме на што се подготвени СДСМ и Заев. Многу добро се покажале досега, а „најсветол“ пример е последниот референдум кога во одредени средини се гласало на секои две секунди. Исто така, ние сме свесни дека СДСМ гради перцепции за поддршка од меѓународната заедница која нема никаква врска со реалноста, но најдобар начин сето ова да се превенира и спречи се парламентарни избори. Затоа што со парламентарни избори власта не може да се заканува на луѓето – или гласај за мојот кандидат за претседател или утре не доаѓај на работа, не може на парламентарни избори со техничка влада да дели пари и поткупува гласачи или да полни кутии.

Ова се и основните причини зашто СДСМ, Заев, Шекеринска, Димитров, Анѓушев и останатите бегаат од предвремени парламентарни избори! Знаат многу добро дека на нив ќе изгубат, исто така знаат многу добро дека нема да можат да манипулираат со претседателските избори. Го знаат тоа многу добро и затоа бегаат!

Би сакал да го искоментирам главното образложение на СДСМ зашто се против предвремени парламентарни избори – наводно, Македонија ќе заостанела во реформите и немало да добие датум за почеток на преговори. Тоа е неточно! Македонија, за жал, и со променето име и целосно обезличена е далеку од датум за преговори во јуни оваа година и ако треба денес да се обложам би се обложил дека Македонија нема да почне преговори со ЕУ за членство оваа година. Но тоа е така затоа што Владата не работи и не испорачува реформи. А не испорачува реформи не затоа што нема време или затоа што би имало предвремени избори, туку затоа што ниту ги бива ниту имаат мотив да испорачаат реформи. Секоја реформа значи простор помалку за злоупотреба на власта. Затоа не испорачуваат реформи! Еве, во моментов што не испорачаат реформи, кој ги запира? Кој ги запира да засукаат ракавите и да почнат да работат во клучните области посочени од ЕУ?

Во таа насока евентуални предвремени парламентарни избори ќе помогнат на Македонија да почне преговори со ЕУ, затоа што ќе се промени власта, ќе дојде нова и способна влада на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе испорача реформи и ќе го заслужи своето место во ЕУ.

Сè на сè, аргументите за избори се јасни и многу, аргументите против се само гол обид да се задржи власта подолго. Граѓаните тоа го гледаат и судат и ќе го казнат, без разлика дали тоа ќе биде на предвремени или редовни парламентарни избори.