Тирана реагира на обвинувањата на Атина за одземање на имот на албанските Грци


Официјална Тирана реагираше на изјавата на грчкото Министертво за надворешни работи, во која се обвинува албанската Влада дека „приватните имоти  на припадниците на грчкото малцинство се одземаат произволно и ги дава за туристички проекти“.

Албанското Министерство за надворешни работи во реакцијата наведува дека правото на сопственост е уставно право кое неселективно и подеднакво го уживааат сите граѓани без оглед на националната припадност.

– Уште повеќе, сите граѓани уживаат право на ефективна жалба до сите судски инстанци во случај на евентуални повреди на овие права, се наведува во реакцијата на албанското МНР.

Министерството во реакцијата посочува дека грчкото Министерство за надворешни работи ги искривува фактите, бидејќи станува збор за зони од интерес за развој на туризмот, кои имаат статус на „државна сопственост”.

– Ја повикуваме грчката страна за објективно читање на фактите и на реалноста, би сакале да потсетиме дека богатата законска рамка, во согласност со европската практика, како и одличната традиција на соживот во Албанија претставуваат позитивен пример што треба да се следи во регионот, се истакнува во реакцијата на албанското Министерство за надворешни работи.

Реакцијата уследи по обвинувањата од страна на грчкото МНР во кое се искажува голема вознемиреност поради последната одлука на Владата на Албанија, на Министерството за турзам  произволно да му отстапи имот во  сопственост на припадници на грчкото малцинство, во јужниот дел на земјата.

Атина бара од Владата на премиерот Еди Рама да ја повлече одлуката, која е во „спротивност со европската конвенција за човекови права и албанските закони“.

По реакцијата на Министертвото во Атина и лидерот на Нова демократја Кирјакос Мицотакис упати писмо до еврокомесарот Јоханес Хан, за оваа прашање.