Офицерски дом не се гради, чека зелено светло од „Мериот“


 

„Сергеј Самсоненко не се откажа од возобновување на некогашниот Офицерски дом на плоштадот. Реализирани се 70 отсто од вкупно предвидените градежни работи. Објектот не е во динамиката што беше предвидена од причина што на веќе изведениот објект постои франшиза на ‘Мериот кортијард‘ која има интернационални процедури на градба“, изјави за „Независен весник“, Ратко Капушевски, проект-менаџер на Сергеј Самсоненко во Македонија и директор на фирмата „Сис инвест“ која го гради објектот. Тој категорично ги демантира сите, како што вели, медиумски приказни и шпекулации дека Русинот се повлекува од посочениот проект. На местото на некогашен Офицерски дом треба да никне комплекс што ќе го сочинуваат хотел, бизнис-центар и т.н. Градска куќа, во која всушност е предвидено да се наоѓаат новото матично и репрезентативни сали за состаноци на градоначалникот на Град Скопје.

Состојбата на терен наведува дека на објектот ништо не се работи. На градилиштето веќе извесен период нема вообичаена фреквенција на работници. Според Капушевски, тоа се должи на работата внатре, поточно проектот сега е во фаза кога се прават урнеци од сите видови соби и апартмани кои ќе треба да добијат зелено светло од соодветна комисија. „По комисиското одобрување ќе се интензивира динамиката на изведба на ентериерот согласно предвидениот план и ќе се реализира фасадата“, посочува Капушевски. Вели дека градската куќа е веќе готова, но сѐ до изведбата на екстериерот таа не смее да се предаде во владение на Градот, односно државата. Неопходно било целиот комплекс да добие технички прием.
„Сите наши обврски преземени кон државата се целосно испочитувани, како рокот за предавање, кој е до 2021 година, а за таа цел се дава банкарска гаранција кон Министерство за транспорт и врски“, додава Капушевски. Според договорот, Русинот има обврска делот Градска куќа да го изгради до карабина со сите термотехнички, како и електроинсталации, а потоа да ѝ го предаде на Владата. Службата за општи и заеднички работи ќе има обврска да го уреди и изведе ентериерот.

Од владината служба велат дека се подготвени да го преземат својот дел од обврските. Имале предвидено средства за внатрешното опремување, како нивна обврска согласно договорот меѓу инвеститорот и државата. „Имаме пари во тековниот буџет за оваа намена. Пред сѐ, од инвеститорот ќе зависи кога ќе ни го предаде нашиот дел од објектот, за кој рокот сѐ уште не е изминат“, вели Пеце Мирчески, директор на СОЗР.
Во склоп на комплексот ќе работи хотелот „Мериот кортијард“ кој ќе има бизнис-центар и деловни простории за издавање под закуп. Вкупната инвестиција е над 45 милиони евра. Во првата фаза, комплексот ќе отвори можност за 350 работни места. Инвестицијата е проценета на приближно 45 милиони евра.
Рускиот бизнисмен во 2015 година ја презеде фирмата на грчкиот бизнисмен Димитри Кондoминас против кого се води судски спор во Грција и кој требаше да го гради комплексот Офицерски дом. Земјиштето на кое се гради комплексот, Кондоминас го купи во 2012 година од државата. За него плати 630.000 евра. Во 2014 година тој беше приведен поради вмешаност во скандалот тежок 500 милиони евра околу државната „Хеленик постбанк“. Во 2015 година фирмата на Кондоминас, „ДЦ прајм пропертис“, ја презеде Русинот.

Деспина Трајковска-Димова