Остварлив економскиот раст од 3,2 отсто, смета Владата


Политиката да ги тргне рацете од бизнисот и да остави економските механизми да ги воспостават правилата, да владее правото за секој инвеститор да се чувствува сигурен, а државата да биде стабилна зашто капиталот е плашлив и сака да е заштитен, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев на форумот „Македонската економија меѓу визија и дилема“.

Анѓушев потенцира дека за раст на мала економија како македонската е неопходно креирање извозно ориентирани компании и инвестирање во одржливи, инфраструктурни проекти.

– Премногу пари потрошивме на загубари, на фирми што пропаднаа, ги апсорбираа парите на даночните обврзници, а не дадоа резултат. Ако сакаме раст на економијата мора најпрво да се зголеми домашната побарувачка, да се зголеми извозот до 65 отсто од БДП и да се инвестира во капитални, но одржливи инвестиции, истакна вицепремиерот.

Според него, владините мерки за поддршка ќе можат да ги искористат над 7.000 компании, а ефектите од мерките ќе ги мери тим во рамки на МАНУ што ќе треба да ги покаже конкретните резултати.

Анѓушев се осврна и на просечната плата која во јануари годинава покажа зголемување од 5,6 отсто во однос на јануари 2017. Тоа, како што оцени, е резултат на подигнувањето на лимитот на минималната плата.

– По 10 месеци сум уште поубеден дека има надеж за македонската економија. Првата половина од 2017 беше лоша, а втората подобра, но не доволно добра, рече заменик-претседателот на Владата.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, кој исто така е панелист на форумот, оцени дека економскиот раст од 3,2 отсто е остварлив.

– Македонската економија почнува да се движи и може да оствари раст поголем од четири проценти, напомена Тевдовски.

Пред почетокот на форумот, британскиот амбасадор Чарлс Гарет порача дека јавните финансии се клуч за здрава демократија. Граѓаните мора да знаат како и за што се трошат нивните пари, а тоа е многу важно и за бизнисот кој врз основа на конкретни, точни податоци одлучува за своите инвестиции. Јавните финансии, подвлече Гарет, мора да бидат лесно достапни и лесно разбирливи.