Оставката на Коѕијас главна тема во Грција


Обвинувањата од Панос Каменос до Никос Коѕијас за лошо водење на тајните фондови, се чини, било тоа што ја прелеала чашата и го натера, сега веќе поранешниот, министер за надворешни работи на Грција да си поднесе оставка. Грчките медиуми, детално ги анализираат причините за повлекувањето на Коѕијас, а несогласувањата на завчерашната владина седница, како за фондовите така и за Договорот од Преспа, биле само последната капка.

Според медиумите во Грција, меѓу шефот на дипломатија и премиерот во периодот кога беа затегнати грчко–руските односи се појавиле различни перцепции за одредени теми.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, оставката на Никос Коѕијас и натаму е главна тема во Грција. Анализи, коментари, изјави, барање причини е она што преовладува во грчките медиуми.

„Жртвување на Коѕијас од Ципрас“; „Плати погрешен министер“; „Потчинетост на Каменос“; „Порака на Ципрас до повеќе страни: Нема да толерирам“; се дел од насловите во денешните изданија на грчките весници.

Според грчката телевизија „Антена“, Коѕијас сметал дека Ципрас не му дал доволна поддршка на владината седница, не застанал на негова страна во кавгата со Каменос и покрај политичката цена како потписник на Договорот од Преспа, но и личните напади врз него, со испратените куршуми, земја со крв и слично.

Весникот „Катимерини“, повикувајќи се на соработници на Коѕијас пишува дека, тој бил погоден од нападите на Каменос „дека е човек на Сорос и дека зема од фондовите“. За време на владината седница, според истите извори, дополнителни навреди од министерот за одбрана до министерот за надворешни работи, предизвикал одново споменатиот предлог на Коѕијас да важи истиот закон за контрола на тајните фондови за сите министерства (меѓу кои и она на Каменос) како што важи за Министерството за надворешни работи.

Имено, Коѕијас сакал да преземе иницијатива, пратениците да изгласаат закон со кој, парламентот ќе биде надлежен за контрола на тајните фондови од сите министерства. До денес, единствено се контролираат фондовите од грчкото МНР, врз основа на законот предложен од самиот Коѕијас на почетокот на 2017.

Грчката телевизија „Скај“, но и други медиуми во Грција, коментираат дека односите меѓу Ципрас и Коѕијас се заладиле уште од кризата во грчко – руските односи. Тогаш, според Скај, немало суштински разлики, туку различни перцепции за одредени прашања. Не дека Ципрас не се согласувал со протерувањето на руските дипломати, туку не се согласувал со начинот на кој се управувало со ова прашање. Грчкиот премиер, дури размислувал, на закажаната посета на Москва на 7 декември, да замине сам, без Никос Коѕијас.

„Скај“, повикувајќи се на свои информации објави дека пред околу една година имало и друга оставка на Коѕијас која тогаш, не била прифатена од Ципрас.

Она што отвора прашања во Грција е кои ќе бидат следните чекори на Никос Коѕијас, кој не е член на владеачката СИРИЗА, туку е лидер на движењето на идеи и активност Прато од чии редови во грчкиот парламент има тројца пратеници.

По оставката, за денес попладне, закажан е вонреден состанок на политичкиот секретаријат на движењето, додека пак во понеделник поранешниот министер за надворешни работи на Грција како лидер на Прато, ќе одржи говор на грчкиот остров Крит.

Исто така, енигма останува дали во грчкото МНР ќе се одржи примопредавање на функцијата меѓу Никос Коѕијас и Алексис Ципрас.