Османи: Потребни се храбри одлуки дома, кај соседите, но и во ЕУ


Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска имаше средба со германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, соопшти Секретаријатот за европски прашања.

Вицепремиерот Османи изрази голема благодарност за континуираната поддршка и посветеноста на Германија за европските интеграции на земјите од Западен Балкан, најсилно истакната преку иницијативата „Берлинскиот процес“, како и за директната билатерална поддршка што Република Македонија ја добива од Германија. Османи изрази надеж дека во одлучувачките денови и недели кои претстојат, Германија, ќе продолжи со засилено темпо да го предводи процесот на проширување на ЕУ, истакнувајќи ја тука и поддршката за евроинтегративниот процес на Македонија. Тој посочи на позитивното расположение кое се создаде во текот на минатата година околу иднината на земјите од Западен Балкан, чии напредок беше валоризиран и со Стратегијата за проширување на Комисијата, како и подоцна со извештаите за земјите од Западен Балкан.

– Сите овие настани, целиот овој контекст, создава нова позитивна атмосфера во регионот и претставува охрабрување и поттик за понатамошни реформи што ќе го приближат Западен Балкан кон ЕУ, процес кој се надевам ќе биде крунисан со позитивни заклучоци на претстојниот Самит во Софија, со што ќе се забетонира евроатлантската ориентација на регионот, истакна Османи.

Посочи дека 2018 е клучна година за напредокот на Република Македонија, но и за севкупните европски перспективи на Западниот Балкан. Тоа е година кога и ние, нашите соседи, но и земјите на Унијата треба да донесат храбри и вистински одлуки, истакна Османи.

Во таа насока истакна дека Република Македонија успешно ги адресираше предизвиците кои стојат на патот на нејзините европски интеграции, што очекува да резултира и со одлука на јунскиот состанок на Европскиот Совет, за почеток на преговори, a за чија успешност, секако се надева и на поддршката од страна на Германија, сопшти СЕП.